(видео) Вандали истурале отпад од канти-„Пријавувајте хулигани“, апелираат од Комунална хигиена – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/22 2:25 PM

(видео) Вандали истурале отпад од канти-„Пријавувајте хулигани“, апелираат од Комунална хигиена

„Во текот на вчерашниот ден до ЈП Комунална хигиена-Скопје анонимно беше испратен загрижувачки видео-материјал што го објавивме на социјалните мрежи“, изјави денеска Зухди Енуз, в.д. директор на претпријатието. На видео-снимката, како што појаснува тој, може да се забележат поединци како намерно ги уништуваат канти за отпад и со црни кеси истураат отпад по должина на шеталиштето во центарот на градот.
– Ваквото недолично однесување и уништување на јавниот имот го забележавме на неколку локации низ градот. Увидено е дека јавни површини што екипите ги имаат исчистено, веќе следниот ден се полни со нов отпад, што укажува дека расфрлањето на отпадот на тие локации се врши намерно во вечерните часови, изјави Енуз.
Тој додаде дека, имаат информации дека станува збор за организирана група на поединци забележани неколку пати низ центарот на градот како вршат фрлање на отпад на различни локации.
– Поради фактот дека на самата видео-снимка е невозможно да се препознаат лицата кои го вршат ова казниво дело, ја информираме јавноста и апелираме до граѓаните да ни пријавуваат секаков вид на недолично однесување на поединци. Секое недолично однесување и загадување на животната средина ќе биде пријавено до надлежните органи и ригорозно санкционирано. Скопје и Скопјани заслужуваат чиста животна средина, нагласи Енуз.