„Треба многу трпение и жртви за да успее вистинската љубов“ – Станислав и Сандра се доказ дека врските на далечина успеваат, ако се сака – ММС
ММС

Објавено на: 02/14/22 7:30 PM

„Треба многу трпение и жртви за да успее вистинската љубов“ – Станислав и Сандра се доказ дека врските на далечина успеваат, ако се сака

Таа е од Македонија, тој од Израел, а првиот свадбен танц им бил на песна на руски јазик. Сандра и Станислав Малетски ја испишуваат својата љубовна приказна во Софија, а центарот на нивниот свет го носи името Миа.

По повод Денот на вљубените ја носиме приказната на двајца вљубени кои биле во врска три години пред да одлучат да стапат во брак.

-Со сопругот се запознавме во 2011 година, сосема случајно во периодот кога тој требаше да се запише на факултет. Потоа тој дојде два пати во Скопје да ме посети, во меѓувреме комунициравме постојано дење-ноќе телефонски или на интернет. Летото јас за првпат отидов во Израел на две недели кај него и неговото семејство, а веќе зимата тој започна со студии во Софија – вели Сандра за ММС.

Таа признава дека на Станислав всушност и не му било потребно многу време за да ѝ го освои срцето.

-Некако од самиот почеток си најдовме заеднички јазик, заеднички теми на разговор и многу испреплетени мислења. Тој отсекогаш си беше сериозен дечко, културен и страшно амбициозен. Маж што вистински слуша кога му зборувам и обрнува внимание буквално на сѐ – искрена е таа.

Кога сѐ уште биле со статус на момче и девојка, таа живеела во Скопје, каде и студирала, додека Станислав живеел во соседна Бугарија. Таму таа го посетувала како што вели, секој втор месец, но и тој често доаѓал на нејзина територија. Сандра вели дека не било изводливо да живеат заедно пред да се земат, бидејќи уште од почетокот нивната врска била на далечина.

„Тоа беше врска што бара многу трпение, жртви и вистинска љубов за да успее. Среќна сум што и двајцата бевме подготвени на тој чекор и иако не беше секогаш лесно, успеавме“, додава Сандра.

Врската уште повеќе се зацврстила кога Станислав решил да ја запроси, а со тоа уште еднаш да ја покаже својата романтична страна. Навидум обичната прошетка се претворила во магичен момент со кој се отворило ново поглавје во нивните животи.

„Запросувањето се случи во Израел, на зајдисонце на плажа. Отидовме како и вообичаено со цел да се прошетаме. Кога седнавме во песокот забележав закопано шише. Сопругот веќе бил договорен и испланирал сѐ однапред. Во шишето имаше порака, која јас најпрво не сакав да ја отворам мислев дека е туѓо. Кога на крај конечно го отворив и ја прочитав порака сфатив дека е за мене, а сопругот веќе го држеше кутивчето со прстенот. Тој навистина обрнува внимание на секоја ситница и точно знаел каков прстен да купи. Беше исклучително смирен и неверојатно самоуверен дека ќе кажам да“, се сеќава Сандра додавајќи дека среќната вест прво им ја соопштиле на своите родители.

Свадбата се случила дури две години подоцна, и тоа на македонска територија. Нашите традиционални адети биле минимално застапени, но Сандра раскажува како успеале на ваквиот посебен ден да му додадат и малку од израелскиот дух.

„Свадбата ја правевме во Скопје. Иако имаше многу подготовки, многу ситници и куп работа сепак тоа беа убави моменти кои со уживање ги правевме. Од обичаи имавме нешто минимално, поточно имаше одење по невеста, како и погача што ја кршеа нашите татковци и секако традиционална музика. Делот по 23 часот беше со диџеј и разни маски кои ги носеа сите гости, дури и баба ми. Хахаха… Тоа беше идеја што мене многу ми се допадна и што се практикува на израелски свадби. Сопругот е роден во Украина, затоа имавме и руска музика, всушност нашиот прв танц беше на една прекрасна руска балада“, посочува Малетски.

Таа вели дека љубовта станала уште поголема со раѓањето на нивната ќеркичка Миа, со која се смениле приоритетите во нивните животи.

„Миа ни стана центар на светот. Цврстиот однос стана уште поцврст, љубовта уште поголема. Се’ она на што ја учиме Миа најпрво го гледа како пример од нас како родители. Ние даваме пример како треба да се однесува, да почитува, да биде љубезна. Да биде културна и воспитана. Да ги цени работите што ги има и да не биде себична“, додава Сандра.

Признава дека токму таа ја разгалува Миа повеќе, додека Станислав има поавторитетен однос.

-Миа го обожава татко ѝ, секогаш кога се враќа од работа, а тоа е обично пред Миа да оди на спиење, таа трча кон вратата и го пречекува. Не легнува додека не го гушне и не му каже дека го сака. Првиот збор на Миа на осум месеци беше „папа”, што во превод на руски значи- тато. Поавторитетен е татко ѝ и кога тој ќе каже не, тоа е не. Со мене си дозволува повеќе-додава нашата соговорничка.

Ја прашавме и како комуницираат дома со оглед на тоа дека се од сосема различни држави, на што таа одговара дека тројцата заедно комуницираат на руски јазик. Миа пак, иако е сѐ уште мала, знае и македонски и руски, но Сандра вели дека има голем вокабулар и на бугарски зашто и тоа е јазик кој го слуша постојано.

Кога семејството Малетски ќе пристигне во Македонија, тоа е вистински празник за најблиските на Сандра, која вели дека прават се за да им угодат, а престојот да биде поубав.

„Сопругот секогаш вели дека Македонија е убава земја со многу убава природа. Му се допаѓа македонската кујна, особено македонска скара која татко ми не ја заборава кога и да дојдеме. Задолжително има нешто традиционално зготвено за ручек од мајка ми и некоја пита или мекици за појадок од баба ми“, нагласува таа.

За денешниот интернационален празник вели дека не организираат посебно одбележување, но сопругот и подарува букет, а потоа одат на вечера, заедно со Миа.

Сандра Малетски стана препознатлива меѓу корисниците на социјалните мрежи преку импресивните фотографии од домот, но вели дека хармонијата е далеку поважна од естетиката.

„Живеалиштето станува дом кога е исполнет со љубов, хармонија, среќа, позитивна енергија“, смета Сандра.

Разговорот го завршуваме со нејзиниот „рецепт“ за убав брак: „постојаната поддршка и довербата се главните нешта во една врска за да успее. Потребен е компромис, ние се договараме заеднички за сѐ, се советуваме еден со друг, а потоа донесуваме одлуки“, заклучува таа.

 

Вања Мицевска