Се работи на изработка на методологија и анализа за во иднина пензионерите да добијат повисока пензија, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на новинарско прашање кога да се очекува најавеното покачување на пензиите, на настанот по повод закројување лозје во винаријата Гоце Делчев во с.Трстеник во близина на Росоман.
Ковачевски потенцираше дека во експозето при изборот на новата Влада, има предвидено економски политики со цел надминување на економската и енегретската криза кои настанаа како резултат на пандемијата.
„Пензиите беа една од тие политики и ние веќе работиме на анализи кои што ќе бидат презентирани на дијалог во кој што ќе учествуваат здруженијата на пензионери и други заинтересирани страни како и институциите на Владата“, рече Ковачевски без да најави конкретно временска рамска кого ќе биде реализирана најавената мерка.
Минатата недела опозициската ВМРО ДПМНЕ, предложи амандман за повисоки пензии од 20 отсто за пензионерите, на што премиерот Ковачевски рече дека е паушален предлог кој не се базира на никаква методологија.
„Во однос на предлогот на ВМРО ДПМНЕ можам да го оценам како паушален, предлог кој што е даден само ВМРО дека учествува во овој процес. Меѓутоа ако не се базира на никаква методологија и анализи и спротивно на тоа ние веќе работиме на методологија која што ќе овозможи одржливо и долгорочно зголемување на пензиите бидејќи пензионерите се оние кои што заслужуваат по толку години изминат труд и дале голем придонес во развојот на нашата држава да бидат наградени, односно да имаат достоинствени пензионерски денови“, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски најави дека во насока на енергетската и економската криза веќе работат и на пакет помош односно на финансиска помош за пензионерите која што ќе се определи врз основа на анализи и ќе им биде дадена на пензионерите за полесно справување со енергетската и економската криза.
Г.Д