Против вкупно 10 лица Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог за продолжени кривични дела – Пустошење шума, Кражба и Измама.
Во временскиот период од 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, обвинетите како соизвршители, исекле поголемо количество дрва од туѓа шума во атарот на селото Падалиште. На тој начин тие ја опустошиле шумата, бесправно сечејќи вкупно 254 букови стебла. Буковите дрва за огрев ги складирале во своите дворови, од каде ги транспортирале до купувачи на подрачјето на Општина Гостивар и ги продавале. Со ова на оштетеното правно лице ЈП Македонски шуми обвинетите му нанеле проценета материјална штета од 724.500 денари.
Еден од обвинетите сторил и кривично дело – Измама, така што на 21.09.2018 година од претходно противправно исечените огревни дрва му продал на еден гостиварец, доведувајќи го во заблуда дека дрвната маса потекнува од легална сеча. За дрвата оштетениот платил 14.700 денари. По откривањето на нелегачната сеча, полициски службеници ги одзеле дрвата со потврда за привремено одземени предмети.
извор: ОЈО