Изгаснат е пожарот што доцна попладнето избувна на стрништето спроти трафостаницата во Пинтија, предизвикувајќи оштетувања на високонапонската инсталација поради што поглемиот дел од Скопје остана без струја.
На местото се противпожарни екипи со две возила кои успеаја да го изгасната огнот, како и припадници на полицијата.
Од МЕПСО информираа дека напојувањето со електрична енергија било прекинато поради пожарот во близина на трафостаницата за да можат да интервенираат противпожарните единици.
Речиси цело Скопје беше без електрична енергија од 17:15 до 18:00 часот.
Од ЕВН упатија на МЕПСО бидејќи проблемот бил во високонапонската мрежа.
Производството на електрична енергија тече според предвидениот план за производство и согласно номинациите на ЕВН и другите потреби, соопшти АД ЕСМ.
Работат два блока во РЕК Битола, гасната електрана Енергетика во Скопје, еден котел во ТЕЦ Неготин, хидроелектраните според потребите и се презема и електричната енергија од ТЕ-ТО, согласно важечкиот договор. Нема никаков застој во производството и електраните се подготвени во секој момент да испорачаат потребни количини енергија во системот.
– Што се однесува до системот за парно греење во Скопје, прекинот е настанат поради прекинот на електрична енергија која е неопходна за работа на пумпите во топланите и на пумпите во зградите. Пумпите автоматски се вклучуваат при обновен доток на електрична енергија и е потребно извесно време за нивно подигање, со што се очекува во текот на вечерта греењето да се врати во нормала. Во зградите коишто се постари и со постар тип на топлотни пумпи, вклучувањето ќе се изврши рачно од страна на стручни лица, наведуваат од АД ЕСМ.