Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска одржа отчет за сработеното во изминатите 100 дена од својот втор мандат.
Со свечен настан на кој присуствуваа раководителите на секторите, членови на Советот и од власта и од опозицијата, но и пратеници од СДСМ и ВМРО, беа гости на Димитриевски.
Како што рече Димитриевски, во изминатите 100 дена, со засилен интензитет се реализираат нови, но и се завршуваат веќе отпочнати проекти од предизборниот мандат.
– За нас претставува силен предизвик да го направиме Куманово поубав град за живеење на сите нас. Работејќи по принципите на ефикасност, чесност и неуморност, постигнавме видливи резултати. Подобрување на инфраструктурата во целата општина беше и продолжува да биде наш приоритет на кој сме фокусирани како во претходниот, така и во новиот мандат во кој делот на реализација на проекти е повеќе од јасен, рече Димитриевски.
Во видео презентацијата, но и во своето обраќање Димитриевски се осврна на низа проекти од областа на инфраструктурата, реконструкција на училишта, изградба на спортски терени, реконструкција на спортската сала, но и проекти за инклузивно образование.
– Продолжуваме да инвестираме во образованието, да ги подобруваме условите на учениците за настава и престој во училиштата, но и да ги подобруваме условите за работа на сите наставници, рече тој.
Упати благодарност до Советот и се заблагодари на претходниот состав за сите сработени проекти во минатото.
– Куманово е град на сите граѓани без разлика на етничката, верската, политичката и каква друга било припадност. Секој кумановец заслужува достоинствен живот, а ние како одговорни чинители на кого ни е доверена оваа должност и обврска мора да им ја обезбедиме, рече тој.
Димитриевски до 2025 година најави над 800 проекти од областа на инфраструктура, унапредување на образованието, спортот, културата и социјалната заштита.
– Не чека многу работа во следниот период и верувам дека заеднички без разлика на нашите политички различности Куманово ќе го направиме подобро место за живеење. Ве повикувам сите да се приклучите со вашите идеи, сугестии, предлози, критики, затоа што само заеднички можеме да направиме поголеми промени. Приоритетот наш и ваш секогаш се граѓаните на општина Куманово, рече Димитриевски.
Инаку, ова не е новитет за Димитриевски, тој и претходно имал отчети за сработеното, оти смета дека граѓаните транспаретно треба да бидат запознаени со работата на локалната самоуправа.
Никола Ивановски