Тоде замина, но само физички, бидејќи останаа нашите спомени, кои јас ќе ги негувам додека сум жива, вели пејачката Маријана Новачевска, која е поранешна сопруга на познатиот композитор, но без оглед што бракот пред две децении им се распадна, останаа пријатели до крај.
Тоде и Маријана се едни од ретките сопружници, кои решија на бракот да му стават крај и да се разделат, но поради децата, па и поради нив двајцата, останаа пријатели. Повеќе заедно не го делеа животот, секој си тргна по својот пат, но и двајцата останаа добри родители.
Тоде пред неколку дена почина во Мелбурн, Австралија, а покрај него, последните неколку недели, кога тој веќе не можеше сам да се грижи за себе, освен децата и сестра му, беше и Маријана. До последниот здив.
Ја контактиравме Маријана, која во спомен на Тоде, низ солзи се сложи ексклузивно за ММС, да ги раскаже заеднилките моменти од неговите последни денови, велејќи дека за нивната љубов и брак треба роман да се напише, бидејќи добрите и лошите работи низ кои поминале не можат да се соберат во еден новинарски текст.
Но, на крајот без оглед на се, најчовечното е да се прости, а Маријана и Тоде токму тоа го направиле.
-Најубавата човечка карактеристика е да простува. Јас простив. Како нема да бидам крај него, секако дека ќе бидам. Тоа што било поминало, ние имаме деца, сме имале брак, сме имале љубов. Ниту тој, а ниту јас не сме такви луѓе. По разводот не се гледавме често, но тоа не значеше дека треба да се караме. Тој е татко на Филип и Магдалена, дедо на Ева и мора да биде присутен во нашите животи. Никогаш ништо лошо не сум им рекла на децата за него, колку и да ми било тешко, а не, пак, сега, кога тој ги биеше последните битки.
Средбите беа доста трауматични и за двајцата. Солзи, негови молби за простување, дека многу му е жал и дека се кае и се чувствува виновен што се распадна нашата заедница. Ама тоа е што е, назад нема. Се разделивме, но за овие 20 години колку што не сме во брак се измачи во животот и тој сам многу, а и јас заедно со децата исто така многу. На втори фебруари направивме точно 30 години кога од Македонија се преселивме во оваа земја и се прашувам кога ли летнаа тие години, вели Маријана низ солзи за ММС.
Сите сме гости на овој свет и заминуваме еден ден ама многу болки остануваат , болки кои тежат, вели Маријана. Токму за последните денови од животот на Тоде таа вели дека покрај убавите, ќе останат и тажните спомени од неговата борба за живот, полна со болка, која и го пара срцето.
-Животот е море од пелин, тоа го сфатив. Последните денови од неговиот живот ми ја распараа душата и ќе ги паметам додека сум жива. Многу, неописиво многу. Секој ден одев во болница и додека можеше да јаде и пие го хранев. Цело време ме држеше за раце. Многу ми е тешко, многу жално и потресно. Сестра му и нашите деца тешко ја поднесуваат загубата. Тоде трпеше голема болка и последните денови му ја дуплираа дозата. Пред крајот лекарот ми кажа дека тој веќе не е свесен за да контактира со нас, но дека може да не слушне. Тогаш, му ставив слушалки и на мобилниот му ги пуштав сите наши заеднички песни за да ги слуша. Беше премногу слаб за да реагира, само му течеа солзи низ образите. Плачеше тој, а плачев и јас. Се изнаплакавме заедно во болница. Тешко е, многу е тешко, и за мене и за децата и за целото семејство. А најмногу е тешко за него, истрпе многу големи болки. Животот навистина пишува романи, а секоја страничка е борба и надеж. Ние сите никогаш не престанавме да го сакаме нашиот Тоде. Летај ми летај галебу мој тажен, рече тажно на крајот Маријана.
По желба на Тоде нема да има погреб по православни обичаи, туку неговото тело ќе биде кремирано.
Весна Миленковска