Братот на пратеникот Мукоски пак ќе ги одржува државните станови за речиси 600.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 02/15/22 10:47 AM

Братот на пратеникот Мукоски пак ќе ги одржува државните станови за речиси 600.000 евра

Фирмата на братот на пратеникот Крсто Мукоски пак ќе ги одржува државните становите со кои стопанисува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Тендерот вреден 591.000 евра повторно го добила фирмата „Атриум ДООЕЛ“ од Вевчани, која овој пат настапува здружена со Градежното проектантско трговско друштво „Универзал балкан“ од Скопје.

Станува збор за повеќе договори за различни услуги кои се склучени на крајот на јануари, а сега се објавени на Бирото за јавни набаваки. Фирмата на братот на Мукоски има обврска да ги одржува државните станови една година.

Голема врева во јавноста крена тендерот кој го доби фирмата на братот на Мукоски  во декември 2018 година од Државното станбено претпријатие тежок речиси 600.000 евра. Бидејќи токму за претходните тендери од претходното раководство на Државното станбено претпријатие со „Атриум“ тогашниот Генералниот секретар на Владата Драги Рашкоски побара истрага.

Според дописот кој тој го испрати тогаш до МВР „постоеле индиции дека се користени дампинг цени за услуги за кои реално немало потреба, а за другите услуги цени кои повеќекратно се разликуваат од пазарните“.

Сега независниот пратеник Крсто Мукоски, тогаш гласаше за отворање на Уставот и беше  еден од амнестираните пратеници за насилствата во Собранието на Крвавиот четврток. Покрај тој тендер за кој беше побарана истрага од Владата, фирмата на братот на Мукоски изминативе години добиваше  и други државни тендери вредни стотици илјади евра.

Најновата јавна набавка е за „изведба на градежни, градежно–занатски, занатски, инсталатерски и други услуги за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува Акционерското друштво. Компанијата треба да ги одржува државните објекти на Подружниците на Државното станбено претпријатие во Скопје, Битола, Велес, Куманово, Кавадарци, Кочани, Штип, Тетово, Кичево, Охрид, Струмица, Прилеп. Потоа на Подружница Паркинг Центар Скопје, Подружница Катна Гаража Разловечко востание, Подружница Катна Гаража Солунски конгрес Скопје, Подружница Катна Гаража Кресненско востание Скопје, Подружница Катна Гаража Смилевски конгрес и Подружница Паркинг Национална Арена Скопје.

Еве дел од сегашните цени по кои ќе работи компанијата на братот на пратеникот Мукоски: Така „замена на крило на влезна врата во стан со димензии 95/200 дуплошперовано огоноотпорна“ чини 24.780 денари од парче, а „замена на крило влезна врата ентериерско огноотпорна со сигурносна брава“ чини 30.680 денари.

Потоа „замена на каса на врата 95/200 футер 30 сантиметро со первази“ е 12.744 денари од парче, а „замена на ПВЦ рачка за прозори/врата обична комплет“ чини 2.242 денари. Од стакларските работи пак „застаклување со обично стакло со емонтажа на старото“ за дебелина од 3 милиметри чини 1.180 денари за метар квадратен. Додека пак  другите дебеклини се многу поскапи. „Поставување на подни керамички плочки прва класа со цементен малтер и фугирање“ државното станбено претпријатие ќе го чини 2.124 денари од квадрат, а за „молерисување на ѕидови со тон“ ќе плаќа по 153 денари за квадрат.

(А.С.)

Фото: facebook.com/adsdp