Наместо марш од Гостивар до Ласкарци, утре, на третата годишнина од автобуската несреќа на „Дурмо турс“ во која загинаа 16 лица, ќе бидат положени цвеќиња во малиот парк во центарот на Гостивар. Настанот, што го организира Општина Гостивар е закажан во 17:30 часот, во моментот кога македонската јавност на 13 февруари 2019 година, дозна за трагичниот настан. Автобусот на гостиварската компанија со 51 патник излетал од автопатот Тетово-Скопје и паднал во провалија откако ја пробил заштитната ограда. Три години подоцна нема виновни за несреќата, додека судскиот предмет се’ уште е во првостепена постапка по други сто одржани рочишта. Ова судење е на пат да стане најдолгото судење за една сообраќајна незгода. Обвинети се Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски, Јане Бобаровски и Маноил Трифуновски, за дела против безбедноста во сообраќајот.
Дурмиш Белули, како сопственик на компанијата „Дурмо турс” во чиј автобус загинаа патниците и имаше 30 повредени, меѓу кои и со трајни последици, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Семејствата, кои со години се надеваат на правда, се сомневаат дека намерно се одолговлекува постапката.