ВМРО ДПМНЕ тврди дека власта ги намалува субвенциите за 40 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/22 1:05 PM

ВМРО ДПМНЕ тврди дека власта ги намалува субвенциите за 40 милиони евра

Со новата програма за директи плаќања во земјоделството власта предвидува само 58 милиони евра, односно од ветените 100 милиони евра директни субвенции нема ни трага ни глас, објави денеска на прес конференција Цветан Трипуновски од  ВМРО ДПМНЕ. Тој ова го илустрираше низ неколку примери, за како што рече, катастрофалните кратења во програмата за 2022 година.

-Во програмата за директни плаќања за 2022 година која што е објавена во Службен весник на Република Македонија и во мерката 1, каде што се предвидуваат директните плаќања за растително производство 2 милијарди денари. 2милијарди денари се во вкупен износ во 32,5 милиони евра. За да разберат сите за какво кратење станува збор ќе се обидам со еден пример да ја доловам ситуацијата. Ако ја земеме најголемата категорија на земјоделци во Република Македонија тоа се тутунарите, кои што и покрај лошите политики на министерството во овој сегмент, оваа година реколтата ќе тежи некаде околу 18 милиони килограми, помножено со сумата со која што треба да ја добијат како субвенција добиваме сума од 20 милиони евра. Значи од вкупно предвидената сума 32,5 милиони евра, кога ќе ги одземеме тутунарите добиваме сума односно разлика од 12,5 милиони евра, рече Трипуновски.

Според него, во мерката 2 директни плаќања во сточарството, владата предвидува три милиони евра субвенции за оваа категорија на земјоделци.

-Пластично со еден пример ќе ви доловам во каква ситуација планираат да го доведат сточарското производство власта предводена од СДСМ. Во табелата каде што стои за одгледувачите на овци, во новата програма министерството предвидува намалување за 300 денари за сите одгледувачи на овци затоа што минатата програма беше 1300 денари по грло, а сега е 1000 денари. Во новата програма исто така се врши кратење од 300 денари за задржано женско јагне каде што сега субвенцијата изнесува 700 денари, а минатата година беше 1000 денари, а сега е 700. Помножено со вкупниот број на овци и јагниња кои што се одгледуваат во државата добиваме сума од 3,5 милиони евра кратење во овој сегмент. Манипулацијата на власта за да ги изманипулира сточарите воведува нова мерка каде што ќе дава по 400 денари за заклано јагне во кланички капацитет и помножено со сумата која што од прилика Република Македонија ја има со заклани јагниња, се добива дека министерството ќе импутира 1 милион евра во овој сегмент. Разликата од кратењето од 3,5 милиони евра, со импутот од 1 милион евра, добиваме разлика односно кратење од  2,5 милиони евра. Тоа значи дека сите сточарски гранки во Македонија вклучувајќи го  свињарството, говедарството, живинарството, производителите на млеко и месо  нема да можат да добијат субвенции во наредната 2022 година, рече Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ.