Заговор е дека Русија ќе ја нападне Украина реагираше руското МНР – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/22 12:16 PM

Заговор е дека Русија ќе ја нападне Украина реагираше руското МНР

Руското Министерство за надворешни работи реагираше на тврдењата на Соединетите Американски Држави дека Русија за кратко време ќе ја нападне Украина.

„Се врши координиран информативен напад врз Москва со цел да се дискредитираат оправданите барања на Русија за безбедносни гаранции. Во исто време, целта е да се оправдаат геополитичките амбиции на Западот и неговите воени активности на територијата на Украина, се вели во соопштението.

Се додава дека од крајот на 2021 година и почетокот на 2022 година започна медиумска кампања со цел да се убеди светската јавност дека Русија се подготвува за инвазија.

Во соопштението се додава дека западните власти и медиумите произведуваат лажни вести за да ја прикријат својата агресија.

„Властите и медиумите на западните земји започнаа заговор со цел да ескалираат вештачки тензии околу Украина“, соопшти МНР на Русија.

Соединетите Држави предупредија во петокот дека руската инвазија на Украина би можела да започне за време на Олимписките игри во Пекинг, кои завршуваат на 20 февруари.

„Инвазијата може да започне во секое време ако (рускиот претседател) Владимир Путин одлучи да ја нареди… Може да започне за време на Олимписките игри, и покрај бројните шпекулации дека тоа ќе се случи дури по Олимписките игри“, рече Џејк Саливан, советник за националната безбедност на американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција.

Саливан рече дека Вашингтон е подготвен да ја продолжи дипломатијата ориентирана кон резултати која се занимава со безбедносните проблеми на САД, Русија и Европа.

Советникот за национална безбедност ги повика Американците во Украина да ја напуштат земјата што е можно поскоро, „и во секој случај во рок од 24 до 48 часа“.

 

Б92