Група на родители од основното училиште Гоце Делчев во Тетово денеска се собраа во дворот на училиштето да го изразат револтот поради небезбедниот приод на нивните деца кога влегуваат во училишниот двор.
Собраќаен хаос, узурпирани тротоари, контејнери пред самиот влез на училиштето каде покрај сметот се собираат кучиња скитници е сликата кога ја регистрираше екипата на ММС.
Родителите велат дека најстрашно е кога децата излегуваат од прва, а влегуваат учениците од втора смена. Поради хаосот, често се случува некој ученик да го удри возило, a тоа се случи и пред два дена кога едно девојче падна на уличката, откако во неа удри возило.
Родителите пред мирниот собир имале средба со директорката на училиштето, која истакнала дека испратила барање до надлежните институции за поголема безбедност во сообраќајот, но досега не добила одговор.
Истакнаа дека ќе испратат и тие барање до одговорните , ако не добијат и тие за кратко време позитивен одговор, ќе протестираат, ќе блокираат и децата нема да ги пуштат на настава.
-Улицата да биде еднонасочна, да се дислоцираат кантите, да се забрани сообраќајот на таа улица кога влегуваат децата од втора, а кога излегуваат од прва смена.Да се забрани за тешки товарни возила оваа улица кога се создаваат гужви. Секој ден стравуваме кога децата одат на училиште, да не ги удри кола, да не ги касне куче, а тоа може да се регулира со двајца полицајци. Страшно е тука, има и музичкото училиште, треба да стават двајца редари. Ние ќе бараме оваа точка да се стави на дневен ред на советот на Општина Тетово, ако не се исполнат барањата, тогаш ќе бидеме принудени да не ги носиме децата на училиште. Ги праќаме децата на училиште, а стравуваме дали ќе се вратат живи и здрави. Наутро е хаос со кучињата, значи тука е многу небезбедно, барем приодот до училиштето да биде безбеден. И деца што се деветто одделение одат на училиште со родители, рече Дарко Петровски родител на ученик во основното училиште Кирил и Методиј.
Од Општина Тетово велат дека веќе има стигнато барање за промена на сообраќајниот режим на улицата долж основното улилиште Гоце Делчев
-Можноста за измени во сообраќајниот режим,односно воведување на еднонасочно движење на возилата на улицата “Иво Лола Рибар”, поточно,делот пред О.У. “Гоце Делчев”,треба најпрво истото да се анализира и пред да се спроведе,треба да се добие согласност од СВР Тетово.Вакво барање веќе има стигнато до општината.Истото ќе се разгледа и доколку се покаже дека е потребно и оправдано,ќе се реализира.Во однос на контејнерите кои се пред влезот на училиштето,локациите за нивното поставување се одредуваат од страна на Секторот за урбанизам во општина Тетово.Надлежните ќе го разгледаат и ова барање, истакнаа од Општина Тетово
Поради сообраќајниот хаос, во Тетово ретко кое училиште има безбеден приод. Најцрна сообраќајна точка има пред влезот на подрачното Основно училиште Братство Миѓени каде на тротоарот кој води до оваа образовна институција приватна перална пере возила, па децата мора да се движат по улицата Борис Кидич која е една од најфрекфрентните во градот.
Зоран Димовски