Левица бара апанажа и за работниците кои ќе останат без работа, не само за функцинерите – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/22 4:00 PM

Левица бара апанажа и за работниците кои ќе останат без работа, не само за функцинерите

Пратениците на Левица до Собранието ќе поднесат Предлог – закон за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со кој ќе се овозможи обичниот работник да зема месечен паричен надоместок за време на привремена невработеност, под еднавки услови како и т.н. апанажа, која им следува како класна привилегија на избраните и именуваните лица, т.е. на јавните функционери во државава.
Во нивното соопштение се вели дека на ваков чекор се одлучиле поради вчерашното неподдржување на пратениците на Предлог-законот, поднесен од Левица, за укинување на апанажата на функционерите.

„Таквото дејстување на, условно кажано, најголемите политички партии, е само продолжение на статус-квото, а против начелото на социјална правда. Тоа е недржавничко и претставува доказ дека за нив правата на обичниот работник за достоинствен живот се безвредни и единствена нивна партиска заложба е директна заштита на капиталот и привилегиите на мала група неспособни функционери“, стои во партиското соопштение.
Левица упатува апел до работниците и до синдикатите, јавно и отворено да го поддржат овој Предлог – закон затоа што сметаат дека неговото поднесување е во насока на доследно почитување на уставното начело на забрана на дискриминација врз основа на имотна, социјална и општествената положба.