Се плашел да не му украдат ДНК, Макрон објасни зошто одби руски тест за ковид – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/22 12:31 PM

Се плашел да не му украдат ДНК, Макрон објасни зошто одби руски тест за ковид

Францускиот претседател Емануел Макрон го одби барањето на Кремљ да направи руски тест за ковид-19 кога пристигна во Москва оваа недела, за да се сретне со Владимир Путин, плашејќи се дека Русија може да добие пристап до неговата ДНК, изјавија за Ројтерс два извори на Макрон.
Затоа францускиот лидер беше држен на голема дистанца од рускиот претседател за време на неколкучасовните разговори за украинската криза во Москва.
Фотографиите на Макрон и Путин како седат на спротивните краеви на масата долга четири метри, запрепастија многумина, а некои дипломати рекоа дека Путин можеби сакал да испрати дипломатска порака.
Но, два извора запознаени со здравствениот протокол на францускиот претседател изјавија за Ројтерс дека Макрон има две опции: да прифати Русите да направат ПЦР тест за да може да седне поблиску до Путин или да го одбие рускиот тест и да се придржува до построги мерки за одржување на физичка дистанца.
„Добро знаевме дека тоа значи дека нема ракување на таа долга маса. Не можевме да прифатиме да дојдат до ДНК на претседателот“, изјави извор за Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ не одговори на барањето на Ројтерс да го искоментира ова.
Друг извор близок на Макрон потврди дека тој го одбил рускиот ПЦР тест. Тој рекол дека наместо тоа, Макрон направил француски ПЦР тест пред да замине, а во Русија неговиот лекар му направил тест за антиген.
Во четвртокот, три дена по средбата меѓу Макрон и Путин, рускиот лидер го прими казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев. Тие се ракуваа и седнаа еден до друг, разделени само со мала масичка за кафе.

извор: hr.N1.info