Бојан Стојановски и Панчо Минов најмногу стоеле на собраниска говорница – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/22 11:19 AM

Бојан Стојановски и Панчо Минов најмногу стоеле на собраниска говорница

Средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието од јануари до јули 2021 година е 5,4, што означува пад на квалитетот на дискусијата споредено со периодот јануари – јуни 2021, за коj оценката за квалитетот на дебатата беше 5,6.
Ова го покажува Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули – декември 2021) на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.
Поактивни во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 62 отсто, a пратениците од власта учествувале во 38 отсто.

Најчесто и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски од ВМО ДПМНЕ и Панчо Минов од СДСМ. Меѓу најактивните 10 пратеници, пет се пратеничките: Гордана Сиљјановска Давкова, Жаклина Лазаревска, Марија Георгиевска, Лидија Петкоска и Бети Стаменкоска Трајкоска, што е за една пратеничка повеќе споредено со претходниот период (јануари – јуни 2021).
Забележително е, како што се наведува, и тоа што во овој период учеството на жените во дискусијата се задржува на 43 отсто, исто како и во јануари – јуни 2021, што претставува највисоко учество во споредба со сите претходни периоди на набљудување.
„Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 10 отсто од излагањата, пратениците искажале почитување или делумно почитување кон аргументите од другата политичка опција, а почитување или делумно почитување кон нивната личност искажале во 22 отсто од дискусијата.
Извештајот го потврдува константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 86,8 отсто од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

МИА