Бугарија ќе бара менување на наставните програми во Македонија, рече министерката за надворешни, Теодора Генчовска – ММС
ММС

Објавено на: 02/11/22 9:40 AM

Бугарија ќе бара менување на наставните програми во Македонија, рече министерката за надворешни, Теодора Генчовска

Бугарската страна се држи до целосна примена на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија.

Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска за БНР, во пресрет на редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, што ќе се одржи денеска во Софија, согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања.

Според Генчовска, Бугарија ќе продолжи да го поддржува, како што тврди, „легитимното барање Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи, во нејзиниот Устав”, јави дописникот на МИА од Софија.

Еден од главните приоритети, вели таа, е да биде постигнат напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, за изготвување календар за заедничко чествување на личностите од, како што тврди, „заедничката историја, за кои веќе е постигната согласност”.

– Ќе бараме и да започне процес за осовременување на наставните програми во Република Северна Македонија, рече шефицата на бугарската дипломатија за бугарското радио БНР.

МИА

фото: Влада на РСМ