Почина Тоде Новачевски (65), еден од најпознатите македонски композитори, кој зад себе остави безвременски хитови.
Тоде почина во Мелбурн, Австралија, каде пред 30 години се пресели со семејството, односно со неговата поранешна сопруга, пејачката Маријана Новачевска.
Дека не губи надеж и дека ќе се случи чудо и ќе оздрави се надеваше и самиот Тоде не само неговите најблиски. Тој пред два месеци на неговиот Фејсбук профил напиша дека метастазите од неговата тешка болест биле скоро исчистени, но дека мали ќелии се пробиле во мозокот.
-По околу 2.5 години хемо и радио терапии, резултатите од моите снимки, пред само два месеци беа фантастични. Метастазите на ракот на крвта, белите дробови и сплината беа скоро исчистени. И во периодот кога бев најрадосен и наспокоен, ненадејно ми се случи „вертиго“ предизвикано од мали келии на ракот, кои се пробија и влегоа во мозокот. Иако ваквата појава не мора да значи катастрофа, симптомите се права мизерија во која организмот се тресе до степен на нестабилност, губење на рамнотежа и енергија. Состојба во која се губи контрола на делови од телото, во мојот случај левата страна. Оваа состојба не дозволува одмор, мир и спиење и ако навремено не се реагира може да предизвика удари и изливи во виталните органи. Ете до каде драги мои пријатели стасав јас пред две-три недели ама позитивен и со верба дека и низ оваа беља ќе поминувам со надеж и со оптимизам, како и досега, напиша тогаш Тоде.
Но, оптимизморт и кај него и кај неговите најблиски траеше кусо. Негови блиски за ММС велат дека Тоде починал во болница, а покрај него постојано биле неговите најблиски.
Покрај него била и неговата поранешна сопруга, пејалката Маријана, со која повеќе од две децении не се заедно.
Маријана на Фејсбук се прости од Тоде.
Рековме ЗБОГУМ .Сакам песно моја да те испеам, сета болка своја, како солза да ја слеам…..
Одлетај песно моја моја гулабице, побарај ведро небо за мојот бол на срце. Почивај во мир Тоде мој таму некаде каде болки и премрежја не постојат, напиша таа, постирајки ја нивната заедничка песна „Ако не исчезнам“.
Тоде и Маријана во Австралија на втори фебруари направија 30 години, како се преселија од Македонија во оваа далечна земја. Иако долго години не се во брачна заедница, сепак, последните денови Тоде ги поминал покрај Маријана, децата Филип и Магдалена и сестра му.
-Маријана покрај него беше до последно, без оглед што беа разведени, сепак, имаат деца, имаат внука и се дружеа на семејните прослави. Тоде беше пресреќен што во тие моменти се покрај него. Пресреќен што и покрај се низ што поминаа, сепак, Маријана беше тука. Средбите беа многу тажни, солзи, простување. Маријана е прекрасна жена, му помагаше, велат блиски на нивното семејство.
Тоде беше многу квалитетен автор, напиша песни за многу пејачи, за поранешното дуо Маријана и Росана ги напиша безвременските хитови, од кои некои се веќе македонски евергрини. Ќе остане запаметен по „Жена“, „Признавам’“, „Ако не исчезнам“ и многу други.
На Фејсбук профилот многу негови блиски и колеги се простуваат од големото име во македонската музика.
Росана напиша:
-Нашиот композитор, еден и единствен човек, кој ни подари најубавите евергрини на сите времиња, скромен, голем, татко на моите внуци си замина во вечноста. Сега заедно со нашиот брат горе некад енека компонираат, бидејќи музиката им беше живот. Спомените за него и моите песни секогаш ќе бидат во моето срце. Тивко живееше, тивко и си замина. Почивај во мир мој Тоде, напиша Росана.
(В.М.)