Откако министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско интервју рече дека на општината и завршил медениот месец и треба да работи транспарентно со објавување на договорите за работа кои ги склучува, Општина Тетово повика пресс конференција со контранапади кон министерот.
Претседавачот на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши, истакна дека не се работи за никаков меден месец, туку општината откога е дојдена на власт работи на сериозно решавање на проблемите на граѓаните, кои живеат во град, кој тоне во долгови
-По преземањето на општина Тетово,нашата прва и главна работа беше и е транспарентноста и правичното информирање на граѓаните за внатрешните работи на институцијата и јавно објавување на сите законски прекршоци направени од вашиот сопартиец, истакна Дурмиши и додаде:
-Ако долгот што го создадоа вашите сопартијци,(24.018.222 евра) е меден месец, за нас тоа е сериозен проблем кој бара сериозни решенија. Ако за вас сумата од 7 милиони евра што се на извршители, негрижата и злоупотреба на парите на граѓаните што го блокираше функционирањето на општината е меден месец, за нас е неодговорност кон тетовските даночни обврзници.Ако е меден месец да плаќате партиски милитанти од општинскиот буџет преку договори на дело, а вработените во ЈКП Тетово немаат платено ниту здравствено осигурување во време кога нашата држава се соочува со здравствена криза предизвикана од пандемијата, за нас е заложба за решавање на проблемите на оваа категорија граѓани кои едвај можат да си обезбедат егзистенција, рече Дурмиши
Тој му порача на Бектеши дека меден месец тера тој заедно со неговата партија, а во меѓувреме цените на производите растат.
Пред два дена Општина Тетово јавно објави над 800 договори на дело, од каде посочија дека дел од нив не оделе на работа.
Откако кај јавноста се создаде слика дека сите земале плата, а седеле дома, а тоа можеше да се забележи и по коментарите на социјалните мрежи, денеска Дурмиши на новинарско прашање одговори дека списокот ќе се исфилтрира. Досега како што посочи околу 100 лица донеле докази, а општината утврдила дека чесно го заработила хонорарот.
Инаки Министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско интервју го повика градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами на транспарентен начин и отворено да ги објави договорите на дело за јануари и февруари кои тој ги потпишал.
Мислам дека е завршен медениот месец на Касами како и стоте дена и тој не треба да се занимама што се работеле во минатото, туку да ја реализира програмата која им ја вети на граѓаните, рече Бектеши.
(З.Д.)