Светиниколци децидно против регионална депонија во Мечкуевци, ИПР не попушта – Одлуката е донесена – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/22 4:13 PM

Светиниколци децидно против регионална депонија во Мечкуевци, ИПР не попушта – Одлуката е донесена

Советот на градоначалници на Источно планскиот регион денеска на седница едногласно донесе одлука за формирање на меѓуопштински одбор за управување со отпад во источниот и североисточниот регион. Следна фаза е да се донесе одлука за формирање Јавно претпријатие кое ќе го собира и ќе управува со отпадот, но и затварање на веќе постоечките диви депонии.

Одлуката ИПР да добие современа депонија е едногласна и децидна, иако проектот веќе со години се провлекува. Во него учествуваат 19 општини, а има можност да се приклучи и градот Велес. Сепак се уште е неизвесно како проектот ќе продолжи бидејќи градоначалникот на Свети Николе, каде и треба да се наоѓа депонијата, е против ваквата одлука.

Светиниколскиот градоначлник Дејан Владев вели дека неговата општина – граѓаните, советот и граѓанскиот сектор, се против изградба на депонија на локацијата во близина на село Мечкуевци.

– Сега на оваа седница јасно кажав дека јас како градоначалник се изземам од сите работи и членство во ова претпријатие. Во наредниот период, откако ќе помине на Совет, ќе излеземе и формално од проектот за Регионална депонија. Ние кажавме дека сме против изградбата на депонија на оваа локација, вели Владев.

Тој потенцира оти за нив проблем е само локацијата и сметаат дека има други места на територијата на Општина Свети Николе каде депонијата може да се дислоцира, со цел да не прави штета по здравјето и да не влијае на работата на граѓаните.

– Ние им стоиме на располагање и на Министерството за животна средина и на Владата и ако има разбирање од нивна страна ќе соработуваме за изнаоѓање на заедничко решение, рече Владев иако смета дека според досегашните увиди, од нив нема оптимизам за вакво нешто.
Последна варијанта за Владев претставува референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за тоа дали сакаат депонија да има близу Мечкуевци.

Претседателот на ИПР, штипскиот градоначалник Јорданов, вели дека крајно време е овој проект да се финализира. Одлуката на градоначалникот на Свети Николе не сакаше да ја коментира, но вели за регионот тоа ќе значи дополнителен проблем за завршување на овој проект.

– Ова ќе значи враќање на постапката неколку години наназад што нас како регион во никој случај не ни одговара. Мислам дека ова прашање треба да се решава на повисоко ниво. Одлуката е донесена локацијата да биде во Мечкуевци, Свети Николе, рече Јорданов.

Со меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, кој пак подоцна ќе ја следи работата на Јавното претпријатие кое ќе се формира, ќе претседава градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.  И тој не сакаше да ја коментира одлуката на светиниколскиот градоначалник, но вели дека ваквата одлука е донесена одамна, а единствена цел е да имаме почиста околина.

Оформувањето на ваквата регионална депонија е финансирано со неповратни 40 милиони евра од ЕУ. Иако целокупната документација е веќе изработена, а самиот проект пак е стар дванаесетина години, општините до последно не можеа да најдат заеднички јазик каде да се формира, дали во близина на Мечкуевци или пак во општината која најмногу создава отпад, Куманово.