Итна помош од полиција, доктор или пожарникар од утре ќе може да добиеме со вртење на бројот 112 – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/22 1:21 PM

Итна помош од полиција, доктор или пожарникар од утре ќе може да добиеме со вртење на бројот 112

Од утре ќе стартува европскиот број за итни случаи 112. Македонските граѓани со вртење на овој број за итен случај,  во кус рок ќе можат да ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од кое било место во државата.

Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, утре и официјално ќе го пуштат во употреба овој број за итни случаи 112 .

Воведувањето на европскиот број за итни повици Е-112 е овозможено со поддршка на Европската Унија.

– Официјалното пуштање во употреба се случува на Европскиот ден 112 – меѓународен ден, одреден од ЕУ, со што ќе се промовира постоењето и соодветното користење на овој број за итни случаи, користен ширум Европа. Македонските граѓани во итен случај, со вртење на бројот 112, во најкус можен рок ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од каде било во државата. Итниот број 112 е предвиден како додаток на постоечките броеви за итни случаи и како едношалтерски сервис за сите потреби на граѓаните“, соопштија од Делегацијата на ЕУ.

Директен корисник е Центарот за управување со кризи, a воспоставувањето на целиот систем на бројот 112 за итни случаи е поддржано од ЕУ со 2,3 милиони евра, вклучувајќи хардвер, софтвер и стручна помош.