Со 100 милиони евра од буџетот ќе се покрива ликвидноста на ЕСМ и на МЕПСО – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/22 12:07 PM

Со 100 милиони евра од буџетот ќе се покрива ликвидноста на ЕСМ и на МЕПСО

За доволна снабденост на пазарот со електрична енергија, односно за потребите на ЕСМ, годинава Владата ќе издвои од државниот буџет околу 100 милиони евра. Досега се одобрени за државната енергетска компанија, 50 милиони евра.

„При префрлувањето на средствата, предност има покривањето на ликвидноста на компанијата, како и во делот на покривање на загубите на МЕПСО. На крајот на март ќе се направи баланс на средствата трансферирани во ЕСМ и ќе се процени колку биле реалните трошоци и како било работено со средствата од Владата“, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој додаде дека сите домашни капацитети за производство на струја работат, РЕК Битола со два блока, како и ТЕТО, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј кој се вклучува по потреба. Поради доволното производство од наши капацитети, намалени се потребите од увоз на струја, а од друга страна, трошиме и поевтина струја за околу 20 евра.

„Цената на струјата од домашните капацитети изнесува околу 170 евра за мегават-час, додека за февруари берзанската цена на струјата во февруари е меѓу 190 и 240 евра за мгвч.“, посочи Бектеши.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој додаде и дека, не се размислува да има грејс период за плаќање на сметките за струја на граѓаните, како што Владата му обезбеди на ЕВН кон ЕСМ за време од шест месеци. Но, дека најверојатно ДДВ на сметките за струја ќе остане намалено на 5 отсто до крајот на годината, односно нема да се врати на 18 отсто, по завршувањето на периодт од една година од оваа мерка, на 1 јули годинава.

М.Т.