Со заштеда од три и пол минимални плати од 18.000 денари можете цела година да се возите по македонските автопати – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/22 10:19 AM

Со заштеда од три и пол минимални плати од 18.000 денари можете цела година да се возите по македонските автопати

Британска студија анализирала колку пари би потрошиле возејќи по автопати мостови и тунели низ Европа и Балканот, а Македонија била најисплатлива затоа што патарината од Петровец чини околу три евра и е меѓу најевтините во Европа.

„Ако не сакате да трошите повеќе на патарини во Франција, Италија и Норвешка, ќе треба да тргнете по споредни патишта. Ќе платите околу 64 евра за патување од Париз до Марсеј на автопатот А6 / А7 (775 км). Италијанската рута од Милано до Неапол (773 км) чини 61 евро, додека Норвешка е на трето место според цените на патарините“, се вели во студијата која ја пренесе rs.n1info.com.

Но, дали навистина е така?

Истражувањето на ММС неодамна покажа дека ако живеете во Гостивар, а сакате да одите на одмор во Грција, ќе платите 1.000 денари патарини за вкупно 460 километри во двата правци од автопатот до македонско-грчката граница и назад или 2,57 денари по километар автопат што Македонија ја прави земја со едни од најскапите, но не и најдобри патишта во Европа. Оној што со автомобил ќе вози од Табановце до граничниот премин Богородица ќе плати 760 денари во двата правци.

Како пример може да се земе соседна Србија која наплаќа патарина по истиот принцип на поминати километри. Од граничкиот премин Табановце-Прешево до српско-унгарската граница има 600 километри во еден правец или 1200 км вкупно. Минувањето низ оваа делница во Србија ќе ве чини 37 евра во двата правци или 1,75 денари по километар во категоријата за патнички автомобил што е многу поевтино отколку кај нас.

Возилата кои секојдневно ги користат автопатите како што се камионите, автобусите, автомобилите со кои се патува на работа или такси превозниците, плаќаат огромни суми за патарини на месечно ниво, а добиваат попуст само ако надополнат огромни парични суми на електронските картички.

Вредноста на бесконтактните М-карт изнесува 100 денари и минималниот износ на надополнување е 300 денари. Попуст за надополнување до 10.000 денари е 2% или максимални 200 денари, за надополнување до 10.001 до 50.000 денари имате попуст од 3% или 1.000 денари, пет отсто попуст (15.000 денари) се добива ако надополните сума од 50.001 до 300.000 денари, а за надополнета сума над 300.001 денари или над 5.000 евра добивате попуст од 7% или 21.000 денари (350 евра).

За да ги „уживате бенефитите од одобрените попусти кои на подолг период имаат и одреден финансиски импакт“, како што велат од ЈПДП, треба однапред да имате прилично висока сума за надополнување. Превозниците на патници и на стока секако ги имаат овие средства, но оние работници кои патуваат со автомобил од Тетово, Куманово, Штип или Велес кон Скопје и обратно, ќе треба да издвојат три и пол минимални плати од 18.000 денари за да добијат попуст од 1.000 денари.

– Патувам од Велес кон Скопје секој ден цела година. Патарината ме чини 85 евра месечно или 1.030 евра годишно. За да добијам попуст од 50-на евра, јас треба да надополнам максимални 1.030 евра. Па кој има толку пари однапред. Или да подигнам кредит со камата од седум отсто за да добијам попуст од пет отсто, или да тргнам 3,5 минимални просечни плати од 18.000 денари. Прескапи ни се патарините, а возиме по лоши автопати без осветлување кои немаат ниту лента за застанување. Во Бугарија можам да возам цел месец за 15 евра, во Романија плаќам три евра за цела недела, во Словенија 15 евра за една недела, а во Австрија десет евра за десет дена. Тука со оваа сума не можам да извозам ниту една недела на релација Велес-Скопје-Велес – изјави вработен велешанец кој секојдневно патува на работа во главниот град.

Над 46,4 милиони евра е годишниот приход од наплата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта во минатата година, што е за 2,8 милиони евра повеќе во однос на 2019, а за 12,1 милион евра повеќе во однос на 2020 година. Над 25 проценти од вкупните средства лани се остварени преку електронската наплата на Коридор 10. Годинава ЈПДП очекува приход од над 50 милиони евра, ставање во функција и на наплатните станици Преод и Кадрифаково на автопатот Скопје-Штип, како и електронски систем на наплата на постојните патарини на Коридор 8.

Од ЈПДП за ММС открија дека за 2020 година од патарини се остварени приходи од 33,85 милиони евра, додека од патна такса се остварени 28,6 милиони евра или нешто над 60 милиони евра вкупно кои треба да се користат за реконструкција на патиштата и одржување на инфраструктурата и патната сигнализација.

Македонските граѓани освен патарина плаќаат и надоместок за јавни патишта за моторни возила, кој се плаќа при регистрација на возилата. Патарина се плаќа за користење на дел од пат, односно надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта во државава. А ова значи дека на една делница на автопат и плаќате двојно на државата, еднаш на наплатна станица, еднаш при регистрација на возилото.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за ММС објасни дека цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува Владата со Одлука која ја регулира оваа давачка.

Надоместокот за патарина за поминат километар за возилата од прва категорија Б се зема како основна категорија.

„Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар, со должината на делницата за која се врши наплата на патарина“, соопштија од ЈПДП.

– Кога зборуваме за начинот на плаќање на патарините тоа е утврдено за висината на цената според Законот за државни патишта, но истовремено треба да ве информирам дека ние како ЈП веќе имаме еден модел, тоа е модернизација на Коридорот 10 што е веќе извршено каде што имаме електронско плаќање. Тоа е подобра метода која се поддржува и од ЕУ. Веќе и во ЕУ доста држави имаат иницијатива да ги тргнат винетите и да се пременува на електронско плаќање. Ние веќе имаме овде електронско плаќање и овие две патарини на релација Миладиновци – Штип ќе бидат со електронско плаќање, истакна Рустеми по увидот во изградбата на делницата Штип – Кочани.

Посочи дека и на Коридорот 8 интензивно се  работи и до крајот на годината и таму ќе има електронско плаќање на патарините, а какошто рече, цената на патарините се утврдува според законот по километар е 2,57 денари.

Прашан дали се размислува за намалување на цената на патарините, Рустеми со одговор дека се во контакт и со Министерството за транспорт и врски, со Министерството за финансии и со Влада и какошто рече ги разгледаат сите можности во текот на оваа година на кој начин и како ќе бидат цените на патарините во Републиката.

– Се врши целокупна анализа бидејќи сите приходи што доаѓаат од патарините ние ги вложуваме во изградба на нови патишта и на рехабилитација на сите патишта што ги имаме во државата што спаѓаат кај државните патишта, вели Рустеми.

Орце Костов

фото: ММС/ www.euractiv.com/ Министерство за транспорт и врски