Хакер бара половина милион долари во криптовалути – Упад во системот за податоци во А1 Хрватска – ММС
ММС

Објавено на: 02/10/22 8:26 AM

Хакер бара половина милион долари во криптовалути – Упад во системот за податоци во А1 Хрватска

А1 Хрватска вчера објави дека имало хакерски упад во нивниот систем за податоци и дека податоците на дел од корисниците биле загрозени, јавија хрватските медиуми.

За жал, и покрај напредните мерки за заштита и постојаното подигање на нивото на безбедност, се случи безбедносен инцидент поврзан со една од базите на податоци на корисници, со што се загрозени дел од личните податоци на делот А1 на корисниците“, велат од А1. Според нив, со кражба на податоци биле опфатени околу 10 отсто од вкупниот број корисници на таа мрежа.

Се проценува дека би можело да има најмалку 100.000 корисници, но ова е само прва проценка. Во најлошото сценарио, може да има значително поголем број на корисници.

А1 соопшти и дека поднеле кривична пријава до Полициската управа во Загреб и дека е во тек кривична истрага. Тие, исто така, открија кои лични податоци биле загрозени.

„Интензивно се работи на утврдување на сите факти поврзани со безбедносниот инцидент, а досега компјутерската форензика утврди дека потенцијално се компромитирани податоци на помалку од 10 отсто од корисниците на А1. Податоците што се прикажани се име, адреса, OIB и телефонски број додека картичките и сметките не се компромитирани бидејќи не се достапни во наведената база на податоци. Директно ќе ги информираме сите корисници чии лични податоци се потенцијално загрозени“, додаваат тие.

За порталот Индекс неофицијално било потврдено дека хакерот ја уценувал компанијата откако упаднал во нивните податоци. Тој побарал пари во криптовалути во вредност од околу половина милион долари.

Индекс дознава и дека полицијата го сфатила овој случај крајно сериозно, не само затоа што се работи за уцена во обид да извлече значителна финансиска корист, туку и поради тоа што се однесува на голем број лични податоци. Инаку, лицето кое се претставило како хакер кој упаднал во системот на А1, по електронска пошта информирало повеќе медиуми за се, вклучително и Индекс.

МИА

Фото: Freepik