Министерството за здравство е во фаза на преговори со производителот „Фајзер“ за набавка на лекот против Ковид-19, но според министерот за здравство Беким Сали, тоа е процес и не треба да се чека кога ќе стигне лекот, бидејќи веќе имаме вакцина за која научно е докажано дека засега е најсигурен и најбезбеден начин за заштита на здравјето.
– Изразивме иницијален интерес дека сакаме да пристапиме кон преговори за набавка на лекот, но кога ќе биде тоа не можам да прецизирам. Изразивме интерес и пристапивме конкретно кон следна фаза на преговори и договор за набавка, изјави вечерва Сали во гостувањето на телевизија Канал 5.
Протокол за лекување од Ковид-19 постои, вели Сали, посочувајќи дека тој е напишан на повеќе од 35 страни од професори на Инфективна клиника и е на располагање на сите здравствени институции.
– Во период од две години тој има претрпено одредени измени, врз основа на сите соеви кои се појавиле кај нас. Да напоменам дека ние знаеме само околу четири соеви кај нас, а во светот се околу 50. Жалам што одредени лекари можеби не ги следеле овие постапки и дејствувале по кратки протоколи кои ги земале од соседни држави. Но и тоа не е грешка, да се следи пример од соседна држава која успешно се справува со пандемијата, изјави Сали.
На вчерашната седница на Комисијата, нагласи Сали, било разговарано како да се овозможи јавно достапен протокол за лекување, а тој да не биде злоупотребен.
МИА