Речиси 50 отсто од младите во Хрватска повремено или често размислуваат да ја напуштат државата, покажува истражувањето „Мотивацијата на младите за миграција и основање семејство“.
– Кога се работи за веројатноста за иселување, на скала од еден до 10, просечниот одговор на испитаниците е нешто над четири, што значи дека тие се поделени околу тоа дали сакаат да се иселат, но евидентно е дека речиси половина од нив размислуваат за заминување, вели членот на Светскиот сојуз на младите во Хрватска, Домагој Далбело.
Од ова произлегува дека значителен број од младите размислуваат за напуштање на својата земја, но дека не си одат импулсивно, туку ги разгледуваат своите опции пред да заминат.
Младите во просек сакале 2,4 деца, што е повеќе од просечниот број на деца во Хрватска. Според ова причината зошто немаат повеќе деца, не е затоа што не сакаат, туку поради другите потешкотии со кои се соочуваат.
На парламентарните избори секогаш гласаат 58 отсто од младите, 65 отсто гласаат на претседателските и 60 на локалните, додека седум до девет отсто никогаш не гласаат. Истовремено речиси 90 отсто од младите веруваат дека би требало да има поголема излезност на изборите.
Истражувањето покажува и дека младите кои почесто гласаат имаат и помала желба да се иселат, што би значело дека за иселувањето придонесува политичката апатија и недостатокот на верба дека нешто може да се промени.
Во граѓански сектор активни се 15 отсто од младите, а седум отсто, пак, во политичките партии.
Младите кои се активни во граѓанскиот сектор во просек сакаат да имаат повеќе деца, но малку покасно, а и помалку сакаат да се иселат. Оние кои се активни во верските заедници сакаат повеќе деца и порано, додека пак членовите на политичките партии имаат помала желба да се иселат.
Просечната веројатност за иселување на младите од јавниот сектор е 3,1, а во приватниот е четири, што претставува проблем.
Нешто повеќе д младите живеат со родителите, а оние кои се иселиле тоа го направиле на 18 или 19 години. Покасното иселување се поколопува и со желбата покасно да се основа семејство.
Истражувањето покажува и дека младите кои имаат повеќе браќа и сестри сакаат да имаат повеќе деца, а оние кои имаат членови од семејството кои живеат во дијаспората, поверојатно би сакале да се иселат. За оние кои сакаат да останат, за Хрватска ги врзуват асоцијациите убавина и татковина, додека асоцијациите за оние кои веројатно ќе се отселат се корупција и туризам.
Во истражувањето учествувале 600 млади од 18 до 30 години кои живеат во Хрватска, а истото е спроведено лани од 23 септември до први декември користејќи ги социјалните мрежи и меил.
извор:Н1