Високи месечни сметки за кирија, односно за закуп на простор плаќаат некои од јавните претпријатија во Струга.
Сумите се толку високи,што не соодејствуваат со реалноста и изгледаат како да се сместени во некоја европска метропола. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за таа цел месечно троши по 3.170 евра.
„Или 28.000 евра за девет месеци“, вели Никола Кукунеш, советник на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Струга.
Јавното претпријатие кое стопанисува со градските паркинзи, според опозицијата, дава 2.000 евра месечно, за закуп на простор од само 65 метри квадратни. Директорката пак тврди дека плаќале само илјада евра со вклучен ДДВ.
„Тој договор јас го наследив и тој договор јас десет пати пробав да го поништам.Мене ми кажа газдата,доколку го раскинеме предвреме договорот, ќе плаќаме пенали.Тие два милиони денари од општината, се однесуваат на модернизација на нашите паркинзи“, вели Гордана Китаноска, директорка на ЈП Еко Струга.
„Во програмата на ова јавно претпријатие за 2022 година е предвидено еден милион и 16.000 денари на име на закупнина.Тоа се огромни пари“,вели Ален Деребан, советник од ВМРО ДПМНЕ.
И двете јавни претпријатија се сместени во приватен станбен објект, каде според опозициските партии, реалната ќирија е помеѓу 200 и 300 евра. Во меѓувреме поранешниот објект каде беа сместени канцелариите на ЈП Водовод, кој се наоѓа на атракативна локација, веднаш до кејот на реката Црни Дрим, пред поеќе од две години беше продаден.
„Општината да имаше барем малку чувство за претприемиштво, тогаш само од наемнините кои што се наоѓаат во зградата на Фати,би можеле за четиригодишен мандат да изградат зграда, каде што ќе се сместени добар дел од овие јавни претпријатие. Дали некој треба да сноси одговорност за лошото работење“,вели Кукунеш.
Директорот на Водовод и канализација, Дашмир Насуфи вели дека тој го наследил договорот ваков каков што е и оти станувало збор за 468 метри квадратни, изнајмен простор.
„Во однос на киријата, тоа е договор кој јас го наследив.Не значи дека не сакам, дека не правам напор да го смениме тоа“, вели Насуфи.
Локалните опозициски советници обвиниваат и за големи суми на пари кои се трошеле за разни други намени. Од таму обвинуваат и дека за девет месеци во Водовод биле потрошени и 6.500 евра за репрезентација, а за интернет и телефон за истиот период,10.500 евра.
„Трошоци за енергија. И таму стои дека месечно јавното претпријатие троши по 33.600 евра. Или вкупно за девет месеци 305.000 евра. Човек кога ќе ги види сите овие цифри ќе се запраша со што се занимавате. Дали копате криптовалути или работите снабдување со вода“, вели советникот Кукунеш.
Во врска со ова директорот Насуфи рече:
„Во однос на репрезентацијата. Ние имаме проблеми со канализацијата. Имаме склучено договори со компании кои ни излегуваат во пресрет за ослободување на тие канали кои се многу проблематични.Ние викаме екипа и тие поставуваат услов, хотел, јадење,пиење.Тоа влегува во таа репрезентација. И кога вработените во Водовод, после работното време се малтретираат,јас ги носам на јадење“,вели Дашмир Насуфи-директор на Водовод и канализација.
А, за работата и високите кирии кои јавните претпријатија во Струга ги плаќаат, предмет најави дека ќе отвори Државната комисија за спречување на корупција.
„Да се продаде деловен објект на јавно претпријатие за потоа да се плаќаат високи кирии, првиот коментар е дека тоа оддава слика на недомаќинско работење. Кои се причините за тоа да се направи би било интересен податок за нашата комисија, зошто е продаден објектот, зошто се плаќаат толкави кирии, колку е всушност киријата по метар квадратен во тој регион. Информациите кои ги добивме ни отвараат многу прашања и ќе се позанимаваме со тој случај“, вели, Биљана Ивановска, претседаелка на ДКСК.
„Во тој дел тука блиску е и природно научниот музеј во Струга.Јас колку што имам информации понатака може и да не постои и тука да изникне зграда. Затоа ако како комисија ние утврдиме дека има некои елементи би се вклучиле во истражување на овој случај бидејќи е интересен. Може да се случи Струга да остане без Природонаучен музеј, покрај кириите високи“, изјави Горан Трпеноски, член на ДКСК.
Сето ова се случува, во ситуација која Струга и стружани многу често се соочуваат со неисправна вода за пиење, при секои пообилни врнежи од дожд или во прекин во водоснабдувањето, поради старата и дотраена мрежа.
Мики Трајковски