Технолошко – индустриската развојна зона во Тетово ќе биде првата економска зона во државата, чии производствени капацитети ќе работат на обновливи извори на енергија.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска беше во посета на зоната во Тетово, каде се промовираше проширување на прозводствен капацитет на една од фабрките во склоп на зоната, најави дека при крај се со постапката за изградба на фотонапонска централа.
-При крај сме со подготвките, економската зона во Тетово да стане првата зелена зона на ниво на државата и регионот. Ќе се започне со дополнителни инвестиции во делот на нови капацитети на електрична енергија од обновливи извори за потребите на компаниите кои оперираат во склоп на зоната. Сето ова ќе покаже дека јавното – приватно партнерство ги дава очекуваните резултати, рече Крешник Бектеши министер за економија.
Но, на воздушна линија од само неколку километри од зоната, се наоѓа претоварната станица на Јавното комунално претпријатие Тетово, која е практично дива депонија, каде има депонирано илјадници тони отпад, кои секојдневно го загадуваат воздухот, почвата и подземните води. Тетовци ја поздравуваат заложбата на владата за обновливи извори на енергија, но најпрвин според нив треба да се решат основните еколошките проблеми, кои со децении го загадуваат воздухот во Тетово.
-На една страна од градот ќе имаме капацитет со обновливи извори на енергија, а на другата страна на само неколку километри илјадници тони отпад кој понекогаш се пали и го загадува воздухот. Бадијала е се, ако не се решат старите рани. Загадениот воздух секаде циркулира, се движи, па и во областа каде е зоната, каде сега се најавува фотонапонска централа. Треба да се решат и другите проблеми. Како на пример да се регулира сообраќајот, каде има многу застој, а со тоа и непотребно се испуштаат штетни материи во воздухот, повеќе да се чистат јавните површини, да се престане со бетонизацијата на градот. Од тука се почнува, па потоа може да се вложуваат напори за тие обновливи извори на енергија, рече еден жител на Тетово.
Од Општина Тетово, неодамна изјавија дека започнато е да се носи комуналниот смет во регионалната депонија Русино каде се озбезбедни минималните услови за носење на отпад, со што значително ќе се намалат купиштата смет на претоварната станица кај тетовско Фалише. Од друга страна во план се и нови две локации во полошкиот регион за претовар на сметот, кои ќе работат по сите стандарди.
Министерот за економија Бектеши пак, кажа дека државата и натаму ќе стимулира компании како и домаќинства да користат обновливи извори на енергија, со цел заштита на животната средина.
-Со законот за енергетика и енергетска ефикасност во делот на компаниите е да користат 20 киловати обновливи извори на енергија, а во делот на домаќинствата е до 4 киловати. Тука сакам да ја информирам целата јавност е дека работиме на измена на правилникот, каде за домаќинствата ќе се зголеми до 6 киловати, а и за компаниите ќе се зголеми за минимум 60 киловати производство на струја од обновливи извори на енергија, додаде Бектеши.
Зоран Димовски