Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја врачи употребната доозвола за новиот производствен погон на американската компанија Леар и Нормак инвестмент груп во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово. Инвестицијата на новиот втор циклус изнесува 15 милиони евра, а производниот погон е изграден на површина од 8.000 м2. Со неа ќе се отвораат од 1.000 до 1.500 работни места.
„Девет месеци откако бевме тука на поставувањето на камен темелникот за заедничката инвестиција, на вториот циклус на Нормак инвестмент груп и американската компанија Леар, денеска имам чест на менаџментот на компанијата да ја предадам употребната дозвола за новиот производствен погон. Ваквите големи инвестиции се поддржани од државата и инвеститорите имаат поволности и низа олеснувања во повеќе фази на процесот на инвестирањето“ кажа Бектеши, кој додаде дека, во време на криза од пандемијата, Леар успеа да го зголеми извозот за 10 отсто во 2021 година, по растот на извозот од 15 отсто во 2020 година.
Александар Зарков, генерален директор на Нормак Инвестмент Гроуп, изјави дека како резултат на успешната приказна со Леар, и останатите инвеститори во ТИРЗ Тетово лани, споредено со 2020 година бележат раст на извозот од 16 отсто, а споредено со 2019 година растот на извозот од оваа зона е 25 отсто.
Американската компанија ,,Леар Корпорејшн “ е водечки глобален застапник за навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи. Вкупната инвестиција во ТИРЗ Тетово изнесува 35 милиони евра. Во првиот производствен погон кој се простира на површина од 12.000 м2 и кој почна со работа во 2016 година се инвестирани 20 милиони евра и 2.000 вработувања.
Вториот производствен погон се простира на површина од 8.000 м2, вкупната инвестиција е 15 милиони евра и се предвидени 1000-1500 нови вработувања.
МИА