Не мораат сами да јадат, да се капат, да земаат лекови – Помош на немоќните нуди Центарот за обука при Црвен крст на Град Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/22 12:22 PM

Не мораат сами да јадат, да се капат, да земаат лекови – Помош на немоќните нуди Центарот за обука при Црвен крст на Град Скопје

Не можат сами да се пресоблечат, искапат, да си зготват јадење, да си земат чаша вода за да ги испијат лековите…тешко се движат поради болни зглобови, врзани се за кревет или се во инвалидска количка, очите не им гледаат добро…

Тоа е жалната судбината на илјадници стари лица во државава со полесна или потешка попреченост. Оние кои живеат со член од семејство им е полесно, но голем дел немаат никого и живеат сами. Децата или поблиските роднини им се во странство, или пак, се тука, но немаат време да им помогнат во секојдневните потреби и да им го направат животот од беден, во достоинствен.
За ваквите лица, од пред четири години во државава функционираат обучени негуватели-лични асистенти. Тие им доаѓаат дома на немоќните и им помагаат за се што им е потребно, купување намирници, готвење, ситни домашни работи, прошетки, давање лекови, па и да помуабетат за да не се чувствуваат осамено.


ММС го посети Центарот за обуки за негователи на стари и немоќни лица и лица со попреченост, кој постои од 2018 година, поточно за лични асистенти, целна група се лица-корисници со тешка и најтешка попреченост и оштетен вид. Тој постои во рамки на Црвенит крст на град Скопје. Моментално се ангажирани 48 лични асистенти за 64 корисници (некои даваат услуги на две лица). Најголем дел од корисниците се со одземеност на екстремитети и некои социјални помагала, а услугите на асистентите се состојат во помагање при облекување, готвење, пазарење, јадење, средување по дома, лична хигиена, прошетки…
„Во текот на еден месец асистентите се ангажирани вкупно 80 часа ( 4 часа дневно) при што нема временско ограничување и има случаи каде со години трае услугата за еден корисник. Личната асистенција има цел да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата.

Услугите на локално ниво се реализираат во соработка и поддршка на центрите за социјална работа. Освен Скопје, ваква услуга се нуди и во Струмица, Битола, Неготино, Струга, Гостивар и Велес“, вели Александра Божиновска, обучувач, локален координатор-едукатор за лични асистенти при Црвен крст на Град Скопје за ММС.
Таа објаснува дека, оној кој сака да биде корисник на асистентска услуга, треба тој или друго лице место него, да ја поднесе соодветната документација во општинскиот центар за социјални работи од каде  потоа се препраќаат во Центарот за обуки.

 

Процедурата не трае долго време, додека, за избор на асистент, се објавува оглас, зависно од тоа за колку асистенти има потреба односно барања. За пријавените кандидати се врши обука која е бесплатна и трае 2 месеца.
„Досега сме организирале шест обуки, од кои две беа преку АВРМ (во 2020 имаше застој поради пандемијата). Наредната обука ќе биде при крај на март. Трошоците се покриени од донатори, најчесто домашни компании. Заинтересираните посетуваат 200 часа, теоретски и практичен дел каде од страна на обучувачите, се учат на потребните вештини и знаења.

Лицето треба да е на возраст од 18 до 65 години, со минимум средно образование и да е во добра здравствена состојба. Пожелно е да е асистентот невработено лице, иако може да биде и вработено. Пред да започне обуката правиме интервјуа и на крај се полага тест и се издава лиценца. За лични асистенти има најмногу заинтересирани жени, отколку мажи“, објаснува Божиновска.
Дали се доволно 48 асистенти колку ги има сега ? Според Божиновска, засега се доволно, а ако се покаже потреба, ќе се бараат поголем број.
На прашањето, дали имало незадоволни корисници од услугите на асистентот, таа вели дека имале случаи кога или асистентот или корисникот се назадоволни од соработката и не можеле да најдат „заеднички јазик“. Во тие случаи се наоѓа друг асистент или со нивно посредство, се „пеглаат“ недоразбирањата. Сепак, немало случаи некому да му се одземе лиценцата, што би се направило само во екстремни случаи.
Во Центарот се ангажирани четири обучувачи, социјалан работник, едукатор, доктор и медицинска сестра, а има и обуки за нега на стари лица, кои опфаќаат палијативна нега на возрасни над 64 години, болни од деменција и алцхајмер. Обуките за овие асистенти се поспецифични, затоа што станува збор за негуватели за пружање на медицинска помош. Во моментов има 47 корисници на ваква услуга од Скопје.


Инаку, паричниот надомест на асистентите оди преку МТСП, и тој изнесува од 200 до 240 денари на час. Овие средства се дел од заемот од Светска банка во висина од 10,8 милиони евра за разни социјални услуги и од буџетот на Министерството ќе се користат до крајот на 2024 година, а општините преку јавен повик се пријавуваат за користење на средства за помош и нега во домот.
Маја Томиќ

Фото: Вангел Тануровски