Запленети пет килограми злато на Блаце во вредност од над 150.000 евра – ММС
ММС

Објавено на: 02/9/22 11:57 AM

Запленети пет килограми злато на Блаце во вредност од над 150.000 евра

Во текот на вчерашниот ден на граничен премин Блаце, во патничко моторно возило пријавено за излез од државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи при Царинска управа, спречија обид за криумчарење на 5 килограми златен накит.

„На 8 февруари 2022 година, на излез од државата, на граничниот премин Блаце, во попладневните часови за царинска контрола се пријавило патничко моторно возило со српски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин. При вршење на детална контрола, од страна на мобилните тимови, биле забележани неправилности во пределот помеѓу двете предни седишта, односно шуплината над ауспухот била затворена. Во внатрешноста на возилото, во пределот помеѓу двете предни седишта, пронајден бил отворот на специјално изработениот бункер, во кој се наоѓале 10 пакети со златен накит во вредност од 9.604.430 денари и вкупна тежина од 5097,59 грама“, соопштија од Царина.

Златниот накит и патничкото моторно возило се привремено одземени, а пријавеното лице заедно со целокупната документација е предадено на Одделението за истраги во Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

О.К.

фото: Царинска управа