ВМРО-ДПМНЕ беше против минималната плата, а станаа „за“ вечерта кога се договоривме, дел од нив дури и сабајлето бидејќи прес-конференцијата беше доцна – вака премиерот Димитар Ковачевски ја коментираше најавата на опозициската партија за поднесување амандмани за раст на другите плати во јавниот сектор, согласно минималната плата.
Премиерот вели покачувањето на платите кои не се дел од минималната плата е дел на колективното договарање со социјалните партнери во зависност од институцијата и гранката.
– Во одредени сектори имаме зголемување на платите, особено во делот на здравството и негувателите. Имавме обид да ги зголемиме платите и на наставниот кадар. Поднесовме закон во Собранието за трансформирање на работниот однос на 4700 наставници, од определено на неопределено, при што беше дефинирано и платата да расте со коефициент поврзан со минималната плата. ВМРО-ДПМНЕ една година го блокираше тој закон и после цела година тие ќе поднесувале амандамани за усогласување на платата. Еве нека поднесат, ама нека излезат пред работниците и нека кажат дали биле за минимална плата и дали го блокирале законот за трансформација на наставниците при што ќе имаше усогласување на платите со минималната плата, рече Ковачевски и потенцира оти даваат амандмани на закон за кој всушност биле против.
Опозициската партија инаку вчера најави дека преку амандман ќе бара и другите плати во јавниот сектор да растат согласно растот на минималната плата. Велат дека очекуваат власта веднаш да направи ребаланс на буџетот и да се зголемат партите за општините, за да може да се почитуваат правата на сите вработени во јавниот сектор.