Двојно поскапа струја за домаќинства што трошат над 800 квч., одлучи Приштина – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 3:48 PM

Двојно поскапа струја за домаќинства што трошат над 800 квч., одлучи Приштина

Управниот одбор на Регулаторната канцеларија за енергетика во Приштина одлучи домаќинствата кои трошат повеќе од 800 киловат часови електрична енергија месечно, да плаќаат според новиот, речиси двојно повисок ценовник. Примената на новите тарифи ќе стапи на сила од утре, 9 февруари.
Според соопштението на Регулаторната канцеларија, „сегашната тарифна структура до 800 ги поттикнува потрошувачите да ги користат двете тарифи“, пренесува РТС.

За оние кои трошат над 800 киловат часови, високата тарифа чини 12 центи, а ниската 6 центи. Истовремено, за оние кои трошат до 800 киловати, ниската тарифа ќе биде 3 центи, а високата 7 центи.

Според надлежните од таа институција, околу 20 отсто од домаќинствата на Косово и Метохија ја надминуваат потрошувачката од 800 киловат часови месечно. Новиот тарифен систем ќе важи до 2023 година.

Најавеното поскапување на струјата не важи за бизнисмените. Владата во Приштина одвои речиси 100 милиони евра за субвенционирање на потрошувачката на електрична енергија.

Инаку, властите во Приштина прогласија двомесечна вонредна состојба поради тешкото производство и поскапувањето на струјата на меѓународниот пазар. Воведени се и ограничувања на електричната енергија како дел од итните енергетски мерки.

извор: rtv.rs