Новиот министер за земјоделство Љупчо Николовски денеска не даде конкретен одговор дали ќе се сретне со оризопроизводителите откако тие сабајлево протестираа на регионалниот пат Штип-Кочани блокирајќи ја едната лента, а најавија дека доколку тој или Ковачевски не дојдат, ќе ги блокираат двете коловозни ленти.
Николовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција истакна дека тој се гордее што како Влада донеле програма во која најголемото зголемување на субвенциите е во оризопроизводството, а воведена е и мерката за зелена нафта.
– Една од првите мои средби беше во Кочани, ги повикавме сите оризопроизводители и претставници, го повикавме и градоначалникот и не дојде. Имавме конструктивна дебата и имаше низа предлози и идеи, рече Николовски и потенцира дека некои од „гласноговорниците“ денеска воопшто не ни отишле на средбата, иако биле повикани.
Тој ја спомена и мерката од ковид пакетот од три денари по килограм ориз која заврши во декември годинава, а за која земјоделците денеска рекоа дека не ги опфаќа сите, туку незначителен дел од нив.
– Во Кочани разговаравме токму и за можностите за интервентни мерки понатака. Ги знаеме и ги чувме проблемите во Кочани на лице место. Сега правиме пресметки колкава количина ориз имаме неоткупен и ги правиме сите пресметки, по што ќе излеземе со конкретен предлог за дополнителна поддршка, рече министерот и потсети дека годинава за прв пат има интервентен фонд од 250 милиони денари и ќе се разгледаат се што е можно како влада да преземат.
На прашањето што мисли министерот за поддршката која оризопроизводителите ја добија денеска од тутунопроизводителите и лозарите, Николовски рече дека уште првиот ден имал средба со тутунарите и се гордее со политиките кои се воведени. Тој направи паралела со како што рече селективната политика која ја имало претходно, за разлика од сега кога календарски точно се исплаќаат парите.
– До петок ќе биде субвенцијата за лозови насади, така да ќе започне исплатата и обезбедени се средства. Денеска зборуваме за нови мерки и политики, не зборуваме веќе за навремена и неселективна постапка, рече Николовски.
Оризопроизводителите денеска повторно го блокираат регионалниот пат Штип-Кочани. Бараат 40 денари за оризовата арпа, продолжен рок на ковид мерката со која се даваат три денари по килограм арпа и со неа да се опфатат сите земјоделци, исплаќање на субвенциите до февруари, а и повисоки ваучери за зелена нафта.