ИЈЗ: За една недела 10.000 нови ковид случаи, реинфекции имало 1.340, починале 147 лица – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 2:54 PM

ИЈЗ: За една недела 10.000 нови ковид случаи, реинфекции имало 1.340, починале 147 лица

Последниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 31. јануари до 6 февруари нотира 9.982 позитивни случаи на ковид-19 во државата, што е намалување од 16,2 отсто во однос на една недела претходно. Процентот на позитивност се движи од 22,5 отсто до 35,6 отсто, просечно 29,5 отсто. Во овој период се тестирани вкупно 33.421 материјали во лабораториите, што е намалување од 13,2 отсто за една недела.

Најголем дел од новите случаи се од Скопје (n=5.300; 53,0%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 1.069,1/100.000. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,6%. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се оние на возраст над 60г (n=2.455, 24,6%) и од 30-39г (n=2.004, 20,1%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9г (n=312; 3,1%).

„Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 23,9 отсто кај возрасната група од 30-39г, додека зголемување се забележува кај групите од 0-9г со 21,4 отсто и над 10-19г со 16,5 отсто зголемување во однос на претходната недела“, стои во Извештајот на ИЈЗ.

Со статус „оздравени“ се стекнале 11.122 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување, а пријавени се 1.340 реинфекции, со намалување за 14 отсто во однос на претходната недела.

Смртни случаи имало 147 во 24 градови, 0,7 отсто помалку во однос на минатата недела, од кои 51 во Скопје. Најголем број (n=137; 93,2%) од починатите биле над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (7), 40-49 години (1) и 30-39 години (2).

За една година, односно од 17.02.2021 кога започна вакцинацијата против ковид-19, заклучно со 06.02.2022, вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза на вакцина. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 845.121 лица, а со трета доза има 132.488 вакцинирани.