Носењето маски во училиште останува согласно препораките од СЗО, рече д-р Мехмедовиќ – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 2:40 PM

Носењето маски во училиште останува согласно препораките од СЗО, рече д-р Мехмедовиќ

Препораката за носење заштитна маска во училиште останува. Комисијата за заразни болести досега не добила барање од родители децата на училиште да не носат маски, соопшти денеска д-р Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за заразни болести.

– До Комисијата за заразни болести не е доставено барање за неносење маски во училиште. Не е разговарано за ставот носење или неносење маски во училиштата. Меѓутоа, ставот на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести е дека во затворени простории, меѓу кои и училиштата, треба да се носат маски од шестгодишна возраст па нагоре. Така што, согласно препораките на СЗО и врз основа на протоколите за посетување на настава со физичко присуство, секое дете треба да носи маска, изјави д-р Мехмедовиќ.

Тој соопшти дека методологијата за скрининг на училиштата ќе биде изменета и ќе има поинаква динамика.

– Ќе има помал број на тестови кои ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата од шест до 18 години. Во насока на тоа, таа методологија ќе биде многу брзо утврдена и наскоро ќе ги имаме резултатите, рече Мехмедовиќ.