Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски соопшти дека годинава ќе се зголеми кофинансирањето на трошоците за „зелена нафта“, поради зголемени трошоци за нафта кај сите земјоделски култури за 13 отсто.
Ако лани трошоците за нафта за пченицата биле субвенционирани со 1.250 денари по хектар, земјоделците годинава, напомена министерот на прес конфренција, ќе добијат 1.413 денари по хектар поради зголемената цена на нафтата и ревидирањето на методологијата за пресметка на висината на трошоците.
– Следејќи ги движењата на цените на нафтата, согледавме дека трошоците за нафта кај сите земјоделски култури се зголемени за 13 отсто. Затоа, со цел да ги анулираме зголемените трошоци и го зголемуваме износот за кофинансирање по хектар за субвенции за „зелена нафта“, рече Николовски.
И покрај порастот на цената на нафтата, според него, кофинансирањето за „зелена нафта“ останува 50 отсто, но ќе биде за 13 отсто зголемено, а со измени на Законот за земјоделство и рурален развој кои ќе бидат предложенени до Парламентот, ќе се овозможи и зголемување на кофинансирањето до 100 проценти.
Владата ја донесе оваа мерка за прв пат и секоја година дополнителни пет милиони евра по оваа основа одат кај земјоделците.
МИА