Град Скопје поднесе кривична пријава за Шилегов и Јанчева за новогодишната журка во кафеана – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 2:08 PM

Град Скопје поднесе кривична пријава за Шилегов и Јанчева за новогодишната журка во кафеана

Град Скопје, согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, денес поднесе кривична пријава против Љубица Јанчева, поранешен Претседател на Советот на Град Скопје и Петре Шилегов, поранешен Градоначалник на Град Скопје.

Станува збор за кривична пријава поради основано сомневање дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 ст.5 вв со ст.1 од Кривичниот Законик.

– Љубица Јанчева во својство на Претседател на Советот на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба, од средства од  буџетот на Град Скопје искористила средства за прослава во ресторан во Скопје, спротивно на законските прописи за извршени набавки на стоки и услуги и спротивно на Законот за јавни набавки, додека Петре Шилегов како Градоначалник на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, а со пречекорување на границите на своето службено овластување без да постои склучен договор, спротивно на Законот за јавни набавки, дозволил да се искористат и исплатат средства од буџетот на Град Скопје, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје. Имено, Љубица Јанчева во својство на Претседател на Советот на Град организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, и за тоа своерачно потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила наведените средства и во прилог кон истиот доставила фактура, со што ги потврдува издатоците за реализирани средства за репрезентација – информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

За незаконитостите алармирал и Секторот за финансиски прашања при Град Скопје кој во Службена белешка укажал дека се работи за услуги спротивно на законот, каде е наведено дека доставената фактура се однесува за извршени услуги за кои Градот со предметниот правен субјект нема склучен договор со постапка за јавна набавка во 2019 година. И покрај тоа што било укажано од надлежните служби дека се работи за извршени услуги за кои нема склучен договор за јавна набавка, Петре Шилегов како Градоначалник на Град Скопје во тој период, го игнорирал ваквото укажување и свесно дозволил на незаконски начин да се искористат средствата од Буџетот на Град Скопје, кои се средства на граѓаните.

– Во конкретниов случај, станува збор за произволно, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните од страна на Шилегов и Јанчева, кои за свои потреби, а спротивно на закон, искористиле средства од Буџетот на Град Скопје, ни помалку ни повеќе за организирање на предновогодишна забава во кафеана. Особено укажуваме дека Градот Скопје во наведениот период за 2019 година, веќе имал спроведено постапка и доделено договор за јавна набавка на други правни субјекти за угостителски услуги, во кои не спаѓа правниот субјект каде се правеле забави на сметка на граѓаните. Оттука,  јасно произлегува дека  Петре Шилегов и Љубица Јанчева  искористиле средства од Буџетот на Град Скопје надвор од законски пропишаната процедура,  на кој начин го оштетиле Буџетот на Градот Скопје – додаде Апостолоски.