(Видео) „Господ ме чувал, возачот на министерот леташе“ – Исповед на сведок на сообраќајката пред Влада – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 2:22 PM

(Видео) „Господ ме чувал, возачот на министерот леташе“ – Исповед на сведок на сообраќајката пред Влада

Сообраќајната несреќа која се случи на раскрсницата пред Владата ја предизвикал возачот кој во тој моментот во „шкодата“ ги возел вицепремиерот Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши и минувајќи на црвено светло со најмалку 100 км/ч удрил во две возила.

Ова за ММС го откри еден од учесниците во сообраќајната несреќа чиј идентитет е познат на редакцијата. До несреќата дошло кога двете удрени возила „фиат“ и “киа“ минувале на зелено светло во правец од „Илинденска“ кон Пошта, а владиното возило се движело со голема брзина кон владините гаражи и поминало на црвен семафор од правец на булеварот „Свети Климент Охридски“.

– Доживеав шок во моментот, како метеор да ме удри. Јас од „Илинденска“ тргнав на зелено во правец на Пошта. Возев на левата лента, а паралелно со мене на десната лента тргна џипот кој го возеше младо момче. Немав увид што се случува десно затоа што минувавме на зелено и пред нас имаше автомобили. Некаде среде раскрсница како да ме удри земјотрес. Тие доаѓаа од Соборниот храм кон влада и кога го удрија џипот тој паралелно удри во мене, а бевме на растојание на 1,5 метар. Од ударот јас завршив во првата спротивна лента. Џипот застана кај семафорот на островчето, а јас навлегов во лентата. Ударот беше многу силен. Бидејќи сум имал неколку сообраќајки, моја проценка е дека возеа најмалку 100 км/ч. Го удрија директно џипот кој се залепи во мене – раскажа еден од сведоците во сообраќајната несреќа.

Воздушните перничиња се отвориле веднаш. Возачот по првичниот шок излегол од автомобилот и почнал да снима со својот телефон за да си има свои докази за несреќата, иако во тој момент почувствувал вртоглавица и силно зуење во ушите.

Возачот одел на работа, додека младиот возач на џипот бил спортист и одел на тениски терен. Тој е убеден дека владиниот автомобил поминал на „тешко црвено светло“, односно поминале десетина секунди откако се вклучил црвениот сигнал.

– Возеа на тешко црвено. Јас се вратив назад и видов како се вклучуваат семафорите. Светело најмалку десетина секунди на црвено. А семафорот се гледа од соборна. Господ ме чувал, мене џипот ме спаси. Да не беше тој тука бидејќи го удрија во најсилниот дел кај носачот под вратите. Тој го издржа ударот, но силата се пренесе на мене и јас не можев да реагирам воопшто затоа што беше стотинка од секундата. Среќа бев врзан со појас и ми се вклучија воздушните перничиња. Среќа што тој беше во џип, а јас до него. Мојот автомобил не е цврст, ќе беше страшно – додаде сведокот.

Тој не го видел министерот Бектеши, но го видел Бесими како излегува. Повеќе луѓе се собрале и не можел да ги забележи сите лица затоа што бил во шок.

Возачот кој го возел владиното возило е полесно повреден и однесен на државна клиника.

МВР информираше за сообраќајната незгодата, но се уште не излегла со подетални информации.

„Како што веќе информиравме, вчера околу 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Илинден” и бул.„Св.Климент Охридски” се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „шкода”, управувано од Ј.Б.(38) од Скопје, патничко возило „фиат”, управувано од Д.П.(45) од Скопје и патничко возило „киа”, управувано од А.Т.(36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода”, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза”.  Во најбрз можен рок случајот ќе биде расчистен и јавноста ќе биде соодветно известена“.

Дека едно од возилото е Влада, односно службено на министерот Фатмир Бесими, потврди и самиот тој на својот Фејсбук профил.
-Доцна попладнево, службеното возило со кое се превезував заедно со министерот за економија Крешник Бектеши на работен состанок во Владата беше учесник во сообраќајна незгода која се случи на крстосницата пред Владата. Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Дел од учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување, напиша тој.

Орце Костов

фото и видео: Приватна архива