Ова е за цела држава да плаче оти јадење ќе немаме – Оризопроизводителите денеска пак на протест, им поставија ултиматум на Николовски и Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 02/8/22 11:46 AM

Ова е за цела држава да плаче оти јадење ќе немаме – Оризопроизводителите денеска пак на протест, им поставија ултиматум на Николовски и Ковачевски

Ќе блокираме и не се плашиме, оти ние досега сме толку уништени и омаловажени. Ние не се бориме за минимална плата, не бараме апанажи, ваучери за одмор, туку се бориме тоа што го работиме да ни биде платено и да живееме достоинствено. Ова денеска го истакнаа оризопроизводителите кои протестираат на регионалниот пат Штип-Кочани и засега ја блокираат едната коловозна лента.

Сепак ситуацијата  за два часа би можела да се смени, па доколку не дојдат министерот за земјоделство или премиерот Ковачевски да се сретнат со нив, најавија блокада на двете коловозни ленти на неопределено време.

Оризопроизводителите се категорични, велат дека им било ветено многу, но ништо не е исполнето.

– Нашите барања се моментални – бараме најниската цена за оризовата арпа да биде 40 денари. Со ковид мерката за плаќање по килограм арпа, со која сега се опфатени многу мал дел, бараме да бидат опфатени сите оризопроизводители и таа да трае до септември, па секој земјоделец да добие по три денари. Субвенцијата да ни  биде исплатена до февруари, а зелената нафта да биде зголемена затоа што ова што сега го добиваме, литро и двесте грама по хектар, не можеме ни да излеземе од дворовите, а не да одиме и да работиме, истакна Тони Максимов, потенцирајќи дека бараат министерот или премиерот да дојдат овде да се сретнат со нив, а не тие да одат во Скопје.

Производителите на ориз велат дека екс-премиерот Заев им ветил дека субвенциите од три илјади денари ќе ги добијат до крајот на 2021, но сметаат дека со ова биле излажани, затоа што немаат добиено ништо. Со ковид мерката за арпата пак, биле опфатени едвај 15 отсто од земјоделците.

– Со покачување на сите репроматеријали, на оризот, на житариците ние ништо нема да сееме и нивите ќе останат пусти. Оризот нема да се сее без 40 денари оправдана економска цена, бидејќи ниту со тоа не можеме да преживееме, велат од оризопроизводителите.

Дел од производителите велат дека додека во некои држави народот умира за храна, ние произведуваме, но не можеме да ја продадеме поради неспособноста на министрите. Тие се жалат дека нема промоција, нема квалитетни препарати, ниту пак семенски материјал и ѓубрива.

– Се што е произведено е само со тешкотија и мака и го земаат за џабе, ова е да плаче цела држава, јадење ќе немаме, вели Јованов од Чешиново.