Православниот манастир Панагија Сумела, изграден кон крајот на 4 – почетокот на 5 век во турската провинција Трабзон, минатата недела се најде во центарот на скандал. Дури реагираше и Руската православна црква.
И покрај тоа што манастирот беше затворен поради реставрација и можност за одрони, локалните власти дадоа одобрение на тројца диџеи да снимаат реклама за православниот храм.
Според зборовите на еден од уметниците, тие сакале да го претстават манастирот Сумела на поинаков начин – со помош на енергијата на музиката. Сепак, успеаја само да предизвикаат голем бес, вклучително и од Руската православна црква.
– Денеска повторно е нарушена верската хармонија во таа земја: во главното историско светилиште на Понтичките Грци, манастирот Панагија Сумела. Локалните власти дозволија отворање дискотека, изјави началникот на одделението за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, митрополитот Иларион.
Тој истакна дека властите ова го дозволиле за да привлечат туристи.
– Сигурен сум дека руските туристи, кои претставуваат мнозинство од туристите кои ја посетуваат Турција, никогаш не би одобриле вакво цинично газење на христијанско светилиште. Во Русија, таквиот однос кон храм или џамија води до казнување на одговорните. Задоволство е да се види дека барем претставниците на локалното население и туристичкиот бизнис протестираат поради тоа што се случи, додаде висок функционер на руската црква.
извoр и фото: Kurir.rs