Дебата за реформи во медиумската сфера, но без претставници на регулаторното тело. Медиумските познавачи порачуваат – потребни се коренити промени, особено во делот на медиумската концетрација. Од Владата истакнуваат дека се партнер на медиумската заедница, наспроти вчерашното однесување на вицепремиерот, Кочо Анѓушев кој на брифинг фрли фломастер кон новинарите.
Странските компании не се заинтересирани да инвестираат во македонскиот медиумски сектор. Можностите кои ги имаат домашните медиумски сопственици пак, за инвестирање во нови канали, се многу ограничени – покажува најновиот извештај на Центарот за развој на медиуми. Документот кој беше презетиран денеска, а е посветен на реформите во законодавството во медиумската сфера се заснова на прашалник кој го пополниле дел од сопствениците на медиумите во земјава. Тие се едногласни дека доколку законските одредби се полиберални, би инвестирале во нови медиуми.
Законодавството не смее да ги ограничува странските инвеститори, туку со јасни прописи за заштита на слободниот пазар да спречи злоупотреба на нивната финансиска и пазарна моќ – се посочува во извештајот.
За разлика од овде, во медиумскиот сектор во Словенија и Хрватска доминираат странски сопственици. Таквите големи медиумски концерни имаат доволно средства за да поддржат квалитетна продукција и да обезбедат независност од политичките и економските центри на моќ – нешто што во Македонија го немаме, вели Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми.
„Таму медиумите не се занимаваат со политичките прилики во државата, ги интересира публиката и рејтингот. Тоа во Македонија го немаме. И во Хрватска и во Словенија имаме квалитетна продукција, разновидни програми кои се драстично неспоредливи со нашите, иако во Македонија имаме многу повеќе канали. Тоа што е кај нив рецепт или формула за успех – моќна информатвна програма, богата домашна продукција, тоа е она што недостасува кај нашите канали. Имаме многу фрагментиран пазар и логично е што овие концерни не се заинтересирани да влезат на ваков пазар“, додаде Никодиновска.
Од Владата тврдат дека градат партнерски однос со медиумската заедница. Маја Петковска од кабинетот на министерот, Роберт Поповски рече дека во моментот размислуваат да им помогнат на печатените медиуми:
„Законот е заглавен во Собрание, не знаеме од кои причини се опструира. Во моментот се размислува да им се помогне на печатените медиуми. Подлабоките реформи следуваат кон крајот на годината, а сега сме осудени да чекаме да се случи пленарната седница и да помине во Собрание“.
Новинарот, Љубомир Костовски праша – на кој начин Владата планира да ги финансира овие медиуми:
„Што ќе финансирате, хартија ли? Ако финансирате дистрибуција, немаме дистрибуција. Тоа е многу скапо, 30 проценти од цената на весникот оди само во дистрибуција. Доаѓате во ситуација во која размислувате како да помогнете, а тука има многу сегменти – тоа е невозможно и проблем е што целото општество е корумпирано“.
На денешната презентација на извештајот, медиумските работници се согласија дека се потребни законски измени во однос на медиумската концетрација, бидејќи постоечката регулатива не дозволува сопственик на радио или телевизија да поседува печатен медиум.
Строгите одредби за медиумска концетрација од една страна и презаситеноста на медиуми која сепак, не е доволна за да обезбеди плурални информации за публиката, ги вадат на површина слабостите на македонскиот медиумски пазар, кој според познавачите, треба да се промени од корен.
Медиумскиот плуразлизам треба да се обезбеди со решенија кои ќе ја осигураат и гарантираат независноста на уредниците во однос на сопствениците на медиумите – велат од Центарот за развој на медиуми.
Денешниот настан, сепак помина без присуство на претставници од регулаторното тело. Ниту еден од членовите на АВМУ не се одважи да дебатира за реформите во секторот кој го регулира самата оваа Агенција.
Инаку, измените на Законот за медиуми, односно за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со месеци беа заглавени во Собрание. Предложеното законско решение не беше ставено на пленарна седница, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе шеесетина амандмани. ЗНМ обвини дека со тоа се кочи носењето на Законот, но од партијата одговорија дека се обидуваат да издејствуваат решение за поголема независност на регулаторните тела за медиуми. Сепак, овие измени денеска беа донесени во Собранието по скратена постапка. Со Предлог-законот се предвидува одлагање на примената на одредби со кои се предвидува обврска на радиодифузерите да емитуваат музика и програма изворно создадена на македонски јазик или на јазиците на заедниците во Република Македонија до 1.1.2019 година.