„Имав чест да ја почувствувам прекрасната енергија на Ембла“ – Пендаровски го посети семејството на Ембла Адеми – ММС
ММС

Објавено на: 02/7/22 2:31 PM

„Имав чест да ја почувствувам прекрасната енергија на Ембла“ – Пендаровски го посети семејството на Ембла Адеми

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Гостивар го посети семејството на Ембла Адеми, како и основното училиште „Единство”, каде Ембла ја следи наставата.

„Децата со атипичен развој не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во светот кој природно им припаѓа – училишните клупи и училишниот двор. Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а инклузијата е потребно да биде основниот принцип.
Прекрасната енергија на Ембла имав чест да ја почувствувам денеска во нејзиниот дом и училиште во Гостивар“, напиша Пендаровски.

Со родителите на Ембла разговараа за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување. Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.

Претседателот истакна дека се неприфатливи однесувањата на оние кои на кој било начин ги загрозуваат правата на децата, дотолку повеќе кога станува збор за деца со атипичен развој. Тие не само што треба да ги уживаат правата кои им следуваат, туку и да се чувствуваат еднакви и добредојдени во училишните клупи и училишниот двор.

– Тоа е наша обврска, како држава, но и како поединци, а клучниот елемент во оваа заедничка мисија е емпатијата. Таа ќе им помогне на децата како Ембла, но ќе ни помогне и нам, да научиме од нив како искрено да се радуваме, да споделуваме и да бидеме солидарни, додаде претседателот.

Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој. Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите, истакна тој.

О.К.

фото: Кабинет на претседател