Иако го повикаа, премиерот Димитар Ковачевски рече оти нема да отиде на утрешниот протест на оризопроизводителите кои ќе го блокираат регионалниот пат Штип-Кочани, но вели ресорниот министер ќе се сретне со нив, со цел да се изнајде решение за откупната цена на оризовата арпа.
– Ние имаме за секој ресор министерство во рамки на Владата, така да министерот за земјоделство со својот тим и со сиот капацитет со кој располага министерството, ќе ги сослуша барањата на оризопроизводителите и согласно програмите и буџетските средства, јас се надевам дека ќе изнајдат решение кое ќе биде на обостран интерес, рече Ковачевски.
Протестот на кочанските оризопроизводители е најавен утре во 10 часот во селото Облешево. Тие бараат повеќе земјоделци да бидат опфатени со финансиската помош, а откупот да се продолжи до јуни.