Компаниите самостојно треба да одлучат дали ќе „одмораат“ во недела или ќе работат, зависно од динамиката и спецификата на нивната дејност. Треба да се најде посоодветно законско решение од актуелното, кое многу фирми ги става во нерамноправна положба, затоа што ќе се постигне спротивен ефект од оној што сака да го постигне законодавецот.
На ова апелирашe Стопанската комора на денешната прес конференција, и предупреди дека, ако не се најде соодветно решение околу „недела неработен ден“ и ако продолжи таксативното набројување на фирмите кои може да работат во недела, а од кое се изземени многу суштински дејности (како градежништвото и трговијата), можни се зголемувања на производните трошоци, затворање на капацитетите, намалување на конкурентноста и отпуштања.
Според Комората, акцент мора да се стави на инспекциски надзор и на доследното почитување на работничките права што вклучува исплата на додаток за работа во недела.
-Законското решение за „недела неработен ден“, наместо интенцијата на законодавецот, може да предизвика спротивен ефект – затворање на капацитетите и намалување на бројот работни места. Дополнително, не само што може да предизвика финансиски загуби, туку ќе претставува и ризик од хаварии, ризик по здравјето на вработените и безбедноста при работа, ќе предизвика намалување на конкурентноста на фирмите, поголема потрошувачка на енергија и зголемени производни трошоци, беше речено на прес-конференција.
Како што истакна Орде Ѓорѓиоски од „Витаминка“ АД Прилеп, како претставник на прехранбениот сектор, законското решение мора да ја поддржува четирисменската работа.
-Не ни е јасно од каде некои дејности се повластени, а некои изземени. Кои биле критериумите?. Приватниот сектор во поголем дел е зачуден од ваквото законско решение. Наместо едноставно регулирање, без таксативно наведување на дејностите кои ќе имаат право да работат во недела, вроди со нешто руго – закон со таксативно наброени дејности кои може да работат, а многу се испуштени, рече Ѓорѓиоски.
Според него, најдоброто решение е веројатно да се предвиди недела како ден за одмор, но да нема таксативно наведување на дејности, туку тоа да се овозможи со пријава до Инспекторатот за труд, кои компании сакаат да работат, но и на работниците да им исплати додаток на плата.
Нена Николовска од секторот градежништво посочи дека доколку не се води грижа за обезбедување континуитет и непречено одвивање на производните процеси (и во недела), покрај финансиските загуби, се зголемува и ризикот од хаварии.
Васко Ристовски од Комората, посочи дека работата во недела, како ден за одмор, за сите дејности треба да се регулира исклучиво со Законот за работни односи.
-Ваквиот предлог од секторот трговија следува поради фактот што се констатира дека без никакви претходно утврдени критериуми фирмите се ставени во нееднаква правна положба (забрана да вршат дејност, обврска да плаќаат дополнителна јавна давачка, поголем додаток на плата), укажа Ристовски.
Спред Даниела Михајлова од Комората, ако не се постигне соодветно решение за „недела неработен ден“, Стопанската комора на 18 февруари, на денот на одбележувањето 100 години од своето постоење, ќе ја повлече Иницијативата доставена до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за измени и дополнување на ЗРО.