Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и Собранието да избере нови четворица уставни судии во најскоро време.
„Уставниот суд и отежнато функционира во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Ви се обраќам во мое лично име и во име на судиите на Уставниот суд за прашање кое е во интерес на сите граѓани кои очекуваат владеењето на правото да биде врвен приоритет во општеството“, пишува Кацарска во писмото.
Појаснува дека, ова има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство.
„Пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина. Верувам дека сте информиран за оваа ситуација и се надевам дека веќе се бара решение за избор на нови четворица уставни судии. Лично да го заложите Вашиот авторитет како претседател на Собранието и заедно со Вашите колеги да изберете нови уставни судии“, посочува Кацарска, додавајќи дека се надева оти процесот на предлагање и избор на судии ќе се заврши што поскоро со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд.