Австриското министерство за здравство донесе уредба со која се регулира приментата на Законот за задолжителна вакцинација против ковид, според која покрај вакцините признати од Европската агенција за лекови, се признаваат и двете кинески вакцини и индиските, но не и руската Спутник.
Во Австрија од саботата на сила е уредбата за задолжителна вакцинација, во прва фаза која важи до средината на март, а во која граѓаните нема да се казнуваат само ќе бидат информирани за нивната обврска.
Од 16. март полицијата ќе спроведува контроли и ќе поднесува пријави, казните ќе бидат до 600 евра, а во случај на жалба или неплаќање може да стигнат и до 3600 евра.
Задолжителната вакцинација важи за сите полнолетни граѓани кои се пријавени во Австрија.
Исклучок од задолжителната вакцинација се бремените жени, лицата со посебни автоимуни болести, заболените од рак ( посебно за време на хемотерапија), пациентите кои имале трансплатација на органи или матични клетки, лицата кои по третата доза немаат створено имунитет, оние со алергии на состојките од вакцините, акутно заболените од ковид и лицата кои имале тешки нус појави по вакцинацијата.
Потврда за исклучок од задолжителната вакцинација може да издадат само стручните амбуланти, локалните државни доктори или епидемиолози.
Прифатени се вакцините одобрени од ЕМА – Фајзер, Џонсон и Џонсон, Астра Зенека и Новавакс, кинеските Синофарм и Синовак и трите индиски вакцини.
За да се стекне статусот „вакциниран“, граѓаните мора да ги почитуваат и интервалите за вакцинирање.
Лицата кои примиле три дози вакцина или две откако прележале ковид се третираат како лица кои ја исполниле обврската. Согласно уредбата тоа значи дека втората доза мора да биде примена во рок од 65 дена по првата, а третата по 190 дена од втората.
За лицата кои примиле една вакцина, од која пак поминало повеќе од една година, ќе мора да примат нова серија од три вакцини.
Оние кои прележале ковид ќе треба да примат вакцина по 180 дена по позитивниот тест.