На 10 февруари во Софија ќе се состане Комисијата за транспорт и инфраструктура, а веќе следниот ден министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски заедно со својот колега од Софија и туроператорите од Македонија и Бугарија ќе бидат првите патници на летот.
Компанијата „Гуливер” е заинтересирана да го реализира летот, а на оваа релација се очекува да има редовни летови во текот на следниот месец.
– На 10 февруари ќе имаме средба во Софија заедно со нашите тимови на Комисијата за транспорт и инфаструктура и на 11-ти веќе ќе се организира првиот лет од Софија за Скопје каде заедно со делегациите од нашата страна и министерот и туроператори од Бугарија ќе бидеме дел од тој лет заедно. На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од Северна Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за во иднина оваа линија да биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако уште една дестинација што ќе биде дополнителна можност за граѓаните, најави Бочварски.
Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а кое треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и тргање на бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
МИА