Минатата недела аерозагадувањето во Тетово беше за два до три, а на моменти и до четири пати над дозволените граници.
Така покажаа бројките на станицата за мерење на квалитетот на воздухот од Министерството за животна средина, поставена во дворот на основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово.
Но, колку оваа станица ја покажува реалната слика на аерозагадувањето, ако се земе предвид фактот што на само неколку метри до неа неодамна се изгради котлара каде има два оџаци на иста висина со мерната станица, преку кои се испуштаат штетните согорувачки материи од нафта, дериват со кој се затоплуваат просториите на училиштето.
Од „Еко Герила“, велат дека изградбата на котлара до мерната станица за квалитетот на возухот во Тетово е загрижувачки факт, за кој веднаш треба да реагира Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Со ова Тетово нема да има реална слика колку е нивото на загадување. Исто така треба да се види и во Општина Тетово дали има дозвола за градба на котлара во близина на мерна станица. Во случај да не може да се премести котларата , тогаш ќе треба да се премести мерната станица на соодветно место, каде во иднина нема да може да се изгради сличен објект, кој директно загадува и се дава лажна слика за нивото на загаденост во нашиот град, изјави Нгадњим Мемети од „Еко Герила“.
Од Основното училиште „Кирил и Методиј“ за ММС одговорија дека на местото на поранешната котлара, која била исто така стационирана во дворот на нивното училиште, но подалеку од мерната станица, сега се гради детска градинка. Велат морале да изградат нова котлара, бидејќи избор за друга локација немаат.
-Сепак за работи за наш двор. Одлучивме тука да ја изградиме, тоа место беше најсоодветно. И котларата е важна, мора да се грижиме за нашите ученици, да имаат топли простории. Сега е зима и е грејна сезона и не смееме да интервенираме, но од пролет планираме да изградиме висок оџак на котларата на кој ќе бидат поставени филтри, за помалку да се загадува воздухот. Но, во секој случај тие што ја поставиле мерната станица, а била поставена кога јас не сум била директорка, треба сега да најдат соодветна локација и да ја преместат од тука. Ова е училиште и ние треба да се грижиме и да работиме за потребите на училиштето и децата, изјави за ММС Сихана Каба Касами, директорка на Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово.
Станицата за мерење на квалитетот на воздухот во Тетово најпрвин беше поставена во дворот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, каде имаше реакции оти е несоодветна локација за реално мерење на параметрите, по што беше преместена во другото. Во неколку наврати имаше застој во мерењето на квалитетот на воздухот, поради дефекти на станицата.
За разлика од другите поголеми градови во земјава, каде има по неколку, во Тетово ова е единствената мерна станица преку која граѓаните се информираат за нивото на концетрација на штетните ПМ десет честички во воздухот.
(З.Д.)