Макрон утре на средба со Путин – ММС
ММС

Објавено на: 02/6/22 7:06 PM

Макрон утре на средба со Путин

Со надеж дека ќе ја смири кризата на истокот од европскиот континент, францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе оди во Кремљ за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јави дописникот на МИА.

За францускиот неделник „Ле Поан” ова патување на Емануел Макрон за Русија претставува „игра на покер”. .Шефот на француската државата ќе оди во Москва за да се сретне со Владимир Путин таму: прво негово патувања за некој кој никогаш претходно не бил во Кремљ и кој се надева на значителен напредок на патот кон деескалација во Украина. Според „Журан ди диманш”, разговорите ќе се одржат во понеделник попладне и навечер. Не е поставено временско ограничување, а двајцата шефови на држави ќе се сретнат сами – исклучиво придружувани од преведувачи и лица кои земаат белешки.

Состанокот очи в очи е замислен за да промовира најотворен можен дијалог, без присуството на нивните соодветни тимови да влијаат врз двајцата претседатели. Последната средба меѓу двајцата претседатели датира од мај 2018 година, во просторот на палатата Константин во Санкт Петербург. Во тоа време, потсетува Журнал ди диманш, Владимир Путин веќе изјави дека дијалогот „секогаш е подобар од конфронтацијата”.

Се разбира, Емануел Макрон не се надева дека сам ќе постигне повлекување на руските војници и крај на украинската криза.

-Треба да бидете многу реални. Нема да добиеме еднострани гестови, но од суштинско значење е да се избегне влошување на ситуацијата пред да се градат механизми и гестови на меѓусебна доверба, објасни претседателот на Франција во интервјуто за Журнал ди Диманш.

Емануел Макрон, сепак, е смирувачки и ја минимизира можноста за инвазија на Украина:

-Геополитичката цел на Русија денес очигледно не е Украина, туку да ги разјасни правилата за кохабитација со НАТО и ЕУ, уверува тој.

По средбата во Москва, во вторник Макрон ќе отпатува за Украина. Тој се надева дека ќе може да му претстави на Володимир Зеленски, украинскиот претседател со кој ќе се сретне во Киев, смирувачки елементи. Во зависност од тоа како ќе се одвива неговата средба со Владимир Путин, Емануел Макрон би можел потоа да оди на плоштадот Мајдан за да им оддаде почит на мачениците од револуцијата во 2014 година – што би било извонреден гест во однос на рускиот лидер.

Во меѓувреме, како што пишува „Ле Поан” „Емануел Макрон претпочита да ги поштеди козата и зелката”. Во Журнал ди Диманш тој тврди дека ги зема предвид поплаките на двете страни:

-Безбедноста и суверенитетот на Украина или на која било друга европска држава не можат да бидат предмет на никаков компромис, исто како што е легитимно за Русија што го поставува прашањето за сопствената безбедност, вели тој.

МИА
Фото:Сергей Гунеев/Спутњик