Лекарите во Канада можат како терапија да им препишат престој во некој од парковите на пациенти кои страдаат од психички и физички здравствени проблеми.
Имено, во неколку канадски провинции лекарите можат на пациентите да им обезбедат пропусница за влез во целиот систем на национални паркови во земјата со цел да го подобрат нивното ментално и физичко здравје.
Администрацијата на Националниот парк на Канада објави дека се приклучуваат на националната програма „препишување на паркот со рецепт“, која ги носи пациентите во природа најмалку два часа неделно.
Сè поголем број студии покажаа дека анксиозноста и проблемите со менталното здравје можат ефикасно да се третираат со поминување време во природа.
Ова може да вклучи сè, од градинарски работи во дворот до истражување на зелени површини, шуми, полиња.
Важно е, велат експертите, пациентите да имаат искуство и контакт со природата.
„Треба да ги намалиме бариерите за природата“, вели Мелиса Лем, матичен лекар од Ванкувер, која е една од иницијаторите на оваа идеја.
Во писмената изјава, министерот за животна средина и климатски промени Стивен Гилбелт ја опиша новата практика како чекор напред во начинот на третирање на менталното и физичкото здравје.
„Со оглед на тоа што влијанието на пандемијата на корона вирусот сè уште се чувствува во повеќето делови на земјата, ова не можеше да дојде во подобро време“, рече тој.
Поврзете се со природата
Мелиса Лем вели дека се очекува програмата за „лекување во природа“ да се прошири на секоја провинција и територија до крајот на 2022 година.
Лекарскиот рецепт овозможува неограничен влез во текот на годината во над 80 национални паркови, национални историски локалитети и национални заштитени подрачја покрај море, територија која заедно опфаќа повеќе од 450.000 квадратни километри земја и вода.
Има повеќе од 1.000 здравствени работници низ Канада кои сега се лиценцирани да препишуваат ваков тип на терапија.
Според Мелиса Лем, програмата поттикнува да поминуваат повеќе време во природа, особено за поединци кои страдаат од анксиозност, депресија и други проблеми со менталното здравје.
Истражувањата покажаа дека пристапот до природата може да ги ублажи хроничните болести (како што се дијабетес, висок крвен притисок и белодробни заболувања) и да го подобри исходот од породувањето.
Студиите открија дека престојот во природа отвора вистинска врска: колку повеќе луѓето се поврзани со природата, толку е поголема веројатноста дека природата ќе ги заштити, објави РТС.
Преземено од: https://rs-lat.sputniknews.com/